Интервју со Анета Павловска, тениски судија: Ми се оствари сонот да судам на Олимпијада


Тенисот ми го отвори светот и ме научи да си ја ценам слободата повеќе од се затоа што слободниот човек е среќен човек, вели Анета Павловска, која беше прва Македонка на летна Олимпијада како тениски судија

 

Мирче Јовановски

Олимписките игри во Токио влегуваат во самиот финиш, со изобилство спортски возбудувања кои ги донесе до сега можеби најтешката Олимпијада од организациски аспект, поради пандемијата со Ковид–19. Македонија го очекува настапот на уште еден олимпиец, но уште сега може да се каже дека Токио 2020 за нас донесе историја, пред сѐ поради среброто на Дејан Георгиевски во теквондо, но и со претставувањето на другите наши учесници, од кои некои постигнаа лични рекорди. Тука се секако и тројца наши судии на олимписките турнири во ракомет и во тенис.

Покрај искусната судиска ракометна двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, големо признание доби и 33-годишната битолчанка, Анета Павловска како прва наша судијка во тенис на една Олимпијада. Таа продолжи по стапките на Зоран Поповски, кој беше првиот тениски судија од нашата земја со искуство од едни Летни олимписки игри.

Оние кои го следат овој спорт знаат дека Павловска веќе неколку години во низа е дел од светскиот тениски врв, кога станува збор за судиите. Таа зад себе веќе има значајно искуство од поголеми тениски турнири, па Токио 2020 дојде како признание за нејзиниот досегашен труд, но и можност за уште поголеми успеси во иднина. Павловска се одзва на молбата на „Независен“ да ги сподели своите импресии од Олимпијадата во Јапонија по завршување на тениските турнири бидејќи, според полисата на Интернационалната тениска федерација, судиите не смеат да даваат интервјуа додека трае турнирот, во случајот Олимписките игри.   

 

Госпоѓо Павловска, честитки за големиот успех. До сега имате судено на повеќе големи турнири, меѓу другото и на Ролан Гарос, како и на Параолимписките игри во Рио. Какво беше чувството да се суди на овие Олимписки игри?

Чувството е нестварно и неверојатно, особено затоа што уште како деца пораснавме чекајќи да започнат Олимписките игри и поминувавме часови и часови гледајќи ги најдобрите во сите дисциплини и спортови, а сега токму јас да имам таа чест да бидам дел од нив. Сите знаеме дека поголем настан од Олимпијадата нема. Па, како и спортистите така и ние судиите напорно работиме за моментот на излегување на големата сцена. Со тоа јас си го остварив сонот.

 

Олимпијадата во Токио е различна од сите други до сега, поради околностите во кои што се одржува заради пандемијата со КОВИД-19. Каква е атмосферата, колку сите мерки кои што се преземаат влијаат на спортистите, судиите?

Токму така. Сите ние со самата селекција во 2019 година се надевавме на нешто поинакво, но нашата работа е да се прилагодиме на околностите, особено на овие сега. Ова е една посебна Олимпијада со многу протоколи, мерки и секојдневни тестирања. Но, самото тоа дека си привилегиран да си таму особено во такви услови и од земја која на тениската мапа на светот е многу мала, те прави да дадеш и добиеш максимум од тоа животно искуство и достоинствено да ја претставиш својата земја најдобро што можеш.

 

Им имате судено на најголемите тенисери на денешницата – на Ѓоковиќ, Мареј, Надал, Федерер… Дали можеби имате трема особено кога мора да се реагира брзо и да се донесе некоја одлука дали топчето било на линија, надвор или во теренот. Дали ве плаши нивната реакција?

Селекцијата на турнири како Ролан Гарос, Вимблдон, Параолимписките игри… е еден долг процес на напорна работа и стекнување искуство низ годините преку одработени мечеви на секаде низ светот и од сите категории. Процес кој со многу љубов кон тоа што го правиш те учи, тренира и истовремено предизвикува како преку професионален пристап да се справиш со тремата и моментот на соочувањето со големите имиња. Така што не би рекла дека имам трема или се плашам од некоја реакција на играчите. Тие се таму да го одиграат своето, а јас да одсудам најдобро што можам.

Привилегијата да си во Токио, особено во такви услови и од замја која на тениската мапа на светот е многу мала, те прави да дадеш и добиеш максимум од тоа животно искуство и достоинствено да ја претставиш својата земја

Кажете ни нешто повеќе за вас, за вашиот пат како тенисерка и потоа како судија. Која од овие две условно кажано функции или улоги е потешка и поодговорна?

Љубовта кон спортот особено кон тенисот ми ја „наметна” татко ми кој и самиот, цел свој живот е спортист, тренер по тенис и заедно со брат ми ја водат Академија Павловски во Битола. На терен практично сум уште кога рекетот беше поголем од мене. Прво тренирав и се натпреварував, подоцна полагав за тренер и работев освен во Битола и две години во Турција во најголемиот тениски комлекс на светот со 64 тениски терени, за на крај најголем предизвик и љубов да си најдам во судењето и начинот на живот кој истото го нуди. Сепак, не можам да кажам што е потешко и поодговорно кога и трите, се различни и имаат свои различни убавини. Во суштина само треба да одлучиш што сакаш и да уживаш во тоа секојдневно. Јас воопшто не чувствувам дека работам, мене тенисот ми го отвори светот и ме научи да си ја ценам слободата повеќе од се затоа што слободниот човек е среќен човек.