Астон Вила го освои пехарот во Лига Европа


Фудбалерите на Астон Вила триумфираа во Лига Европа откако вечерва во финалето го совладаа бундеслигашот Фрајбург со 3:0. Тимот од Бирмингем доминираше во текот на целиот натпревар и по 1982 година кога беше европски првак, повторно стигна до пехар во европско натпреварување (2001 година го освоија и Интертото купот).

Во финалето кое се одигра на стадионот „Бешикташ парк“ во Истанбул, премиерлигашот Астон Вила поведе со голот на Јури Тилеманс во 41.минута. Во судиското надополнување на првиот дел (45+3 минута) на 2:0 зголеми Емилијано Буендија, а на почетокот на вториот дел третиот гол го постигна Морган Роџерс во 58.минута.

За шпанскиот тренер на клупата на Астон Вила, Унаи Емери ова е петти освоен пехар во Лига Европа, откако претходно освои три со Севиља и еден со Виљареал.

Од натпреварувањата на УЕФА за сезонава ќе се играат уште: финалето на Конференциската лига меѓу Кристал Палас и Рајо Ваљекано на 27.мај во Лајпциг и финалето во Лигата на шампионите меѓу ПСЖ и Арсенал на 30.мај во Будимпешта.