Индија го запре извозот на вакцини на „АстраЗенека“. Дали тоа ќе се одрази на Македонија?
Фабриката „Серум институт“ е најголем произведувач на вакцини во светот. Ковакс програмата на СЗО оттаму се снабдува со вакцините на „АстраЗенека“. Но поради појавувањето на „двојниот мутант на вирусот“ во Индија тамошните власти решија сите вакцини што се произведуваат да ги насочат кон сопствената земја
Љупчо Поповски
Се компликува извозот на вакцините на „АстраЗенека“ од фабриката во Индија преку која оди главното снабдување на земјите во Ковакс системот. Индиските власти, како што дознава Ројтерс, привремено го запреле целиот извоз на вакцини од „Серум институтот“, најголемиот произведувач на вакцини во светот, поради зголемениот број случаи на корона вирусот во оваа огромна земја, што предизвикало и поголема побарувачка за дози дома.
Со оваа одлука директно се погодени речиси 190 земји во светот кои ја очекуваат вакцината на „АстраЗенека“ преку програмата Ковакс на СЗО. Меѓу нив е и Македонија. Од СЗО веќе официјално беше најавено дека нашата земја ќе ја добие првата испорака на вакцини од Ковакс програмата до крајот на март. Меѓу засегнатите се и големи земји како Велика Британија, Бразил, Саудиска Арабија, Канада и редица други силни економии и моќни држави. Канада, на пример, сѐ уште не може да добие ниту една од договорените 1,5 милиони дози од истата фабрика во Индија. Британија, пак, веќе доби половина од 10-те милиони нарачани дози, но од пред неколку дена извозот за Островот е запрен, што веќе предизвикува загриженост во Лондон дека тоа сериозно ќе ја забави програмата за вакцинација.
Според некои информации ниедна вакцина не е извезена од Индија уште од минатиот четврток.
„Сè друго барем засега е оставено да чека“, изјави еден од изворите за Ројтерс. „Нема извоз сѐ додека не се стабилизира ситуацијата во Индија. Владата нема да искористи толку голема шанса во моментот кога толку многу луѓе треба да се вакцинираат во Индија“.
Македонија треба да добие 100.800 вакцини преку Ковакс системот, сите од „АстраЗенека“. Првата пратка од 33.600 дози, според најавите, треба да стигне до 31 март, а другите се очекуваат до 15 април.
УНИЦЕФ, преку кого оди распределбата на вакцините, до денеска немаше коментар на ваквите најави од Индија. Со Ковакс програмата беа предвидени за купување 1,1 милијарда вакцини на „АстраЗенека“ и „Новавакс“ што се произведуваат во „Серум институтот“ и главно се наменети за сиромашните земји и оние со среден приход. Фабриката во Индија досега испорача 17,7 милиони дози на „АстраЗенека“ во рамките на Ковакс програмата.
Индија, која има 11,7 милиони случаи на Ковид-19 (трета е во светот по САД и Бразил) неодамна откри „двојна мутантна варијација“ на корона вирусот, која драстично го зголеми бројките на нови инфекции во последниве десетина дена.
Тоа не е единствениот проблем со вакцините. И Европската унија се подготвува да драматично да го намали извозот на вакцините произведени во фабриките во блокот. Забраната се однесува на 17 земји, меѓу кои се сите држави од Западен Балкан, се разбира, вклучувајќи ја и Македонија.
Овие контроверзни правила, кои се против слободната трговија и нашироко најавуваната намера на ЕУ да биде шампион за споделување на дози на вакцини ширум светот, уште еднаш ќе ја потенцираат големата себичност на земјите на Унијата во оваа голема светска криза. Предлогот за кој треба утре и задутре да решаваат лидерите на ЕУ на својот виртуелен самит, се главно насочени кон Велика Британија и САД, но најголемите последици ќе бидат за сиромашните земји.
Тоа доаѓа во време на зголемена фрустрација во ЕУ во врска со слабиот тек на вакцинација во блокот, како и доцнењето на испораката на вакцините од фармацевтски компании како „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“.
Клаузулата се чини дека е специфично насочена кон Велика Британија. ЕУ тврди дека иако земјата нема официјална забрана за извоз на вакцини, таа има фактичка забрана преку аранжмани со „АстраЗенека“, според кои компанијата треба прво да ги снабдува британските пазари. Во меѓувреме, Соединетите Држави имаат подиректна правна рамка што спречува извоз на одредени вакцини во ЕУ. Сепак, САД ја снабдуваат Европа со компоненти на вакцини.
Овој предлог дојде откако италијанскиот весник „Ла Стампа“ објави во средата дека властите откриле 29 милиони дози на вакцина „Оксфорд/АстраЗенека“, складирани на производствено место во земјата. Според весникот, дозите најверојатно доаѓаат од фабриката „Халикс“ на „АстраЗенека“ во Холандија, која сè уште не е одобрена за производство на ЕУ.
Во големото европско лутање Германија денес ја повика Европската комисија да започне заедничко купување на руската вакцина „Спутник V“. Германски официјален претставник денеска изјави: „Ние ја замоливме Комисијата да започне постапка за набавка на ‘Спутник’. Сега гледаме дека Комисијата е во процес на започнување на оваа постапка“.
Но и за таква одлука е потребно време. Комисијата прво мора да го тестира расположението меѓу главните градови на ЕУ за да види кои земји се заинтересирани да ја купат руската вакцина пред да започнат преговори за бројот на дози. Само две земји на ЕУ досега купија руски вакцини, Унгарија и Словачка. Во Словачка тоа предизвика голема криза на владата, четворица министри последниве неколку дена поднесоа оставки, а веројатно ќе падне и премиерот Игор Матович токму поради самостојното набавување на руската вакцина. Парадоксално, сега Берлин бара „Спутник V“ тоа да се направи во сите земји на Унијата. Најмногу поради големиот гнев во германската јавност поради многу бавната вакцинација во земјата, порастот на случаите со Ковид-19 и широките протести против натамошното заклучување, кое трае уште од ноември.