Индија го суспендира договорот за вода со Пакистан и го затвора главниот граничен премин по терористичкиот напад во Кашмир

Индија денеска го суспендираше договорот за споделување на водите од реката Инд со Пакистан, како сигнал дека го обвинува соседот за вчерашниот смртоносен напад во Кашмир, при кој загинаа 26 лица.
Индискиот секретар за надворешни работи Викрам Мисри ја соопшти мерката на прес-конференција во Њу Делхи, откако премиерот Нарендра Моди одржа итен состанок на Советот за безбедност.
Мисри изјави дека Индија ја суспендира примената на Договорот за водите на реката Инд „сѐ додека Пакистан недвосмислено и неповратно не се откаже од поддршката на прекуграничниот тероризам“.
Исламабад ги отфрли обвинувањата. Дел од жителите на Кашмир веруваат дека напаѓачите биле членови на локални групи што се борат за независност.
Во нападот, кој се случи во индискиот дел на Кашмир, загинаа најмалку 26 лица, а 17 се повредени, кога вооружени напаѓачи отворија оган врз група туристи. Станува збор за најсмртоносен напад врз цивили во регионот во изминативе неколку години.
Во меѓувреме, Индија објави дека го затвора главниот граничен премин со Пакистан.
Министерството за надворешни работи соопшти дека преминот Атари-Вага се затвора веднаш. На лица со важечки патни документи ќе им биде дозволено да се вратат до 1 мај.