„Империја“ во завршна фаза, за „Актор“ ќе бидат обвинети десетина политичари и бизнисмени


Судска разрешница за случаите за перење пари очекува првиот човек на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов. Во изминатиот период Управата доставила голем број кривични пријави до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција по кои веќе се постапува. Еден од случаите на кои работела управата е „Империја“ во кој првоосомничен е бизнисменот Орце Камчев и десетина други бизнисмени.

Случајот „Империја“ во кој, според истрагата што ја водеше СЈО се испрани околу 11 милиони евра преку офшор компании регистрирани на Сејшели, Панама, Белизе, е во завршна фаза и сѐ уште трае вештачењето, но засега од Обвинителството велат дека не се знае дали и против кои лица би резултирал со обвинение.

Уште еден случај на перење десетици милиони евра кој е во завршна фаза е „Актор“, кој се однесува на измами при изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Според неофицијалните информации во овој предмет ќе бидат обвинети десетина македонски политичари и грчки бизнисмени. Наскоро во судница се очекува да влезе и случајот „Поштенска банка“ за испрани околу 5 милиони евра за кој истрагата заврши и до судот ќе биде доставено обвинение.

Македонското разузнавање има пристап до Егмонт групата од 165 земји кои имаат брза размена на информации за сомнителни финансиски трансакции. Финансиското разузнавање има обезбедено информации и за СЈО за сметки во Кипар и даночни раеви каде биле сокривани пари од криминални активности во државата. Најпознатата заплена на Управата се парите во Монако добиени од продажба на „Дијамед“ на шведска компанија за што сопствениците на парите тврдат дека се дел од шемата за рекет иако случајот се уште се истражува.

Според Трендафилов, во последните две години земјава бележи напредок во делот на спречување на перење пари и финансирање тероризам, така што во регионот е прва по постигнатите резултати.