Имаме лоша координација во менаџирањето со кризи


Брзи реформи, нови законски решенија, единствена методологија, координација на институциите, деполитизација и професионализација, вклучување на Црвениот крст во платформата и на приватните агенции за обезбедување, техничко доопремување на противпожарните бригади, како и информирање на граѓаните како да постапуваат за време и по евентуални природни елементарни катастрофи и подигнување на јавната свест од можни катастрофи од страна на медиумите со точни и навремени информации.

Ова се дел од предлозите дадени од учесниците на денешната трибина „Национална платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија“, што се одржа во насока на донесување на ефективен и ефикасен систем за дејствување во услови на кризи и катастрофи.

Влатко Шешов, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, информираше дека на средба во Државниот завод за статистика во пресрет на најавениот попис на населението, заедно со Градежниот факултет покренале иницијатива паралелно да се изврши и електронски попис на објектите на територијата на државата и врз основа на таа база да се гради системот за превенција и заштита.

– Мораме да градиме електронски систем, база на податоци за изграденост на територија на државата. Претстојниот попис на населението е многу добра шанса да се соберат сите релевантни податоци за градбите на територијата на земјата за да изградите систем во кој ќе имате брза проценка на евентуални штети и да симулирате разни сценарија и ќе имате брза слика на тоа што може да очекувате од такви евентуални катастрофи, појасни Шешов.

Според него, значајно е дека треба да се градат капацитети, систем и мерки како за превенција, така и за намалување на последиците од елементарни катастрофи. Институтот, посочи тој, работи на апдејтирање на сеизмичките мапи, но и на подигнување на свеста на граѓаните, како прв предуслов за солидна национална платформа дека живеат во држава што во својата историја памети силни земјотреси кои предизвикувале катастрофи и губење човечки животи и затоа секој треба да знае како да делува за време на земјотреси. Најизложени на сеизмички дејствија, односно на земјотреси во државата, потсети Шешов, се Скопската котлина, дебарско-охридскиот регион, валандовско и беровско-пехчевскиот регион.

За Марјан Ѓуровски професор на Факултетот за безбедност – Скопје постојат систематизирани грешки и пропусти во системот за управување со кризи, лоша координација во менаџирањето со кризи, некоординираност меѓу војската и полицијата и останатите служби на терен, како и ЦУК и ДСЗ во услови на прогласена криза и кризна состојба.

– Потребна е консолидација на ресурсите, ажурирање на безбедносна политика, координација, професионализација, закон за интегрална безбедност. Редефинирање на системот за управување со кризи и заштита преку обединување на ЦУК и ДЗС во единствена институција, рече меѓу другото Ѓуровски, кој предлага и развивање регионални сили за справуање со ризици од катастрофи, но и да се прошири лепезата на ризици и јасно да се наведат хибридните закани каде спаѓаат и лоажните вести.

Според Павле Трајанов, национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, градиме систем каде клучни се превенцијата и раното предупредување. Во таа насока важно е за можна катастрофа навремено да бидат информирани главните носители на системот за кризи, но и граѓаните со цел да се намалат последиците. Тој информираше дека за таа цел е и проектот за единствениот телефонски број Е-112, каде граѓаните и другите субјекти за справување со кризи ќе можат да се јават и да пријават пожар, невреме, да побараат здравствена помош или помош од полицијата.

– Треба да се воспостави единствен систем за управување со кризи, заштита и спасување и интегрирање на расположливите капацитети и ресурси на сите административни нивоа, рече Трајанов, додавајќи дека се предвидува да се формира и Комитет за координација и имплементација на Националната платформа, кој се очекува да биде донесена во септември.

Целта е, нагласи во обраќањето вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, преку соодветно изграден нормативно-институционален концепт да се воспостави оперативно технички и структурно-организационен систем од механизми способни практично, координирано, благовремено да бидат ставени во функција на превенција, рано предупредување, заштита и спасување на човечките животи и материјалните добра и санација.