Имало мир или не, ЕУ нема да увезува руски енергенси


Ќе секне ли целосно рускиот гас

Европската унија нема намера да го обнови увозот на руски енергетски производи дури и по потенцијалниот мировен договор меѓу Украина и Русија, изјави европскиот комесар за енергетика Ден Јоргенсен пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за енергетика на ЕУ во Варшава.

„Повеќе нема да дозволиме енергијата да се користи како оружје против нас. Нема индиректно да го полниме воениот ковчег на (рускиот претседател Владимир) Путин. Донесовме одлука да го прекинеме увозот на руска енергија“, рече Јоргенсен, нагласувајќи дека ова е клучно за безбедноста и солидарноста на Европа со Украина.

Тој нагласи дека одлуката на ЕУ не зависи од тековните меѓународни преговори за прекин на војната во Украина и ќе остане на сила дури и по воспоставувањето мир, пренесува Ројтерс.

„Ова е многу јасен сигнал. Не сакаме руска енергија сега, ниту ќе ја сакаме во иднина“, додаде европскиот комесар.

На 6 мај, Европската комисија презентираше „патоказ“ за постепено елиминирање на зависноста од руската енергија.

Планот вклучува правни механизми за раскинување на долгорочните договори со руските добавувачи и предвидува целосно прекинување на увозот на руски гас до 2027 година.