Има ли живот за Пошта по ерата на ДУИ


Фото: Б.Грданоски

Повеќе од деценија и пол управување со некое акционерско друштво, па макар тоа било и во државна сопственост, е можност да се направат големи работи – да се преструктуира работењето, да се подготви за неминовната конкуренција, да се осовременат процесите… Но, наместо тоа, луѓето кои беа назначувани на раководни места по предлог на ДУИ, во „мираз“ оставија компанија со многу проблеми

Мирче Јовановски

По цели 16 години управување од страна на кадри на Демократската унија за интеграција, најголемата компанија за поштенски услуги во земјава „Пошта на Република Северна Македонија“ влегува во нова фаза – со верба за подобро утре, но и со огромен товар од десетина милиони евра акумулирана загуба, нерасчистени афери од минатото и дополнителни тешкотии поради пандемијата со КОВИД-19 и од прекинот во извршувањето на платниот промет поради пропаѓањето на Еуростандард банка…

Што ќе донесе „ерата по ДУИ“ во Пошта?

Повеќе од деценија и пол управување со некое акционерско друштво, па макар тоа било и во државна сопственост, е можност да се направат големи работи – да се преструктуира работењето, да се подготви за неминовната конкуренција, да се осовременат процесите… Но, наместо тоа, луѓето кои беа назначувани на раководни места по предлог на ДУИ, од кои некои беа и високи партиски функционери, во „мираз“ оставаат компанија со голем број вработени (многумина ја опишуваа како прибежиште на партиски кадри), со пожар во главната зграда чии последици до денешен ден не се санирани, со бројни случаи на грабежи кои до сега не се расчистени, но и со бонуси кои си ги делеле раководните лица и покрај загубите во работењето, што го посочија и државните ревизори…

Во ваков амбиент, Владата најави дека ќе се разгледаат опциите за приватизација на Пошта или за јавно приватно партнерство.

Завршувањето на ерата на ДУИ во Пошта вчера ја потврди и премиерот Зоран Заев кој изјави дека досегашниот директор на Поштата, Ејуп Рустеми, како кадар на ДУИ го презема раководењето со ЈП за државни патишта, каде што до сега директоруваше кадарот на СДСМ, Зоран Китанов.

Останува нејасно дали Рустеми ќе остане дел од тимот кој заедно со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши заедно ќе треба да изготват физибилити студија за постапката за приватизација на компанијата, односно за јавно приватно партнерство, или неговото место ќе го заземе идниот директор на Пошта. Исто така, нејасно е зошто во тимот го нема Министерството за транспорт и врски, под чија надлежност е регулирањето на поштенскиот сообраќај и е предлагач на законската регулатива што се носи во Собранието, туку за приватизацијата ќе се грижи Министерството за економија. Дали е тоа направено поради поголема ефикасност или пак и тука доминирале партиските интереси на ДУИ да не се откаже целосно од компанијата која била под нејзина капа цели 16 години, останува допрва да се анализира (Министерството за економија го води кадар на ДУИ, транспорт и врски, пак, кадар на СДСМ).

Сегашниот обид за приватизација на Пошта веројатно ќе биде далеку потежок од оној пред повеќе од десет години кога Македонска пошта беше во многу подобра кондиција и кога Канадската пошта беше длабоко навлезена во процесот, оценуваат познавачи. Од до сега необјаснети причини, по неколкугодишни преговори, државата се откажа од речиси готовата зделка. Поради тоа беше принудена да плати пенали кои ги чинеа македонските даночни обврзници над 200 илјади канадски долари.

Како што пишуваа тогаш медиумите Канаѓаните понудиле да инвестираат 40 милиони евра и дека Македонска пошта ќе биде регионален центар и профитабилна фирма, а за возврат побарале компанијата да ја добијат без надомест на 20 години. Тогашниот директор на поштата, Таип Јакупи, но и претставници на владата тврдеа дека договорот е штетен за Македонија и дека мора да се ревидира.

Владо Бучковски, кој беше премиер од декември 2004 до август 2006 година вели дека Канадската пошта била сериозно заинтересирана за преземање на Македонска пошта, за што испратила Писмо за намери.

„Мислам дека тие намери беа во оптек до 2009 година. Беа сериозно заинтересирани. Тогаш беа меѓу првите три најпрестижни пошти во светот. Што се случи од 2006 до 2009 до денес не знам, но колку што сум запознат, во 2009 веќе престанува интересот на Канаѓаните. Значи тие се обидувале уште некој период, повеќе од две години. Можно е по писмото за намери да следувал и меморандум за разбирање, ја воделе процедурата според сите нишани. Ние го либерализиравме пазарот, на пазарот има многу поголема конкуренција, но нашите пошти не го фатија чекорот со новите времиња и се доведовме во ваква позиција, како што чув загубите во Пошта достигнале 9 милиони евра“, вели Бучковски.

Преговорите со Канаѓаните се водеа уште во 2002 и 2003 година, но и во текот на 2004 година, кога, според пишувањето на медиумите тогашниот директорот на јавното поштенско претпријатие Јакупи сметал дека Македонсска пошта може сама, без странските инвеститори. Него Канаѓаните го посочиле како главен противник на нивниот инвестициски влез во Македонија. Главни спорни точки во преговорите биле поделбата на профитот и големите даночни олеснувања.

Како и да е, со заминувањето на Канаѓаните, Поштата ја загуби шансата да биде главен регионален поштенски центар, иако и тогаш се соочуваше со загуба во работењето, застарен систем на работа и превработеност.

За сегашната намера за приватизација на Пошта или за јавно приватно партнерство, Бучковски вели дека кога Владата излегува со заклучок, тоа покажува дека веројатно во меѓувреме нешто се случувало и дека не се само обврските, односно препораките од кои произлегуваат од извештаите на ЕУ и прилагодувањето кон европските директиви за да се пристапи кон процес на приватизација или јавно-приватно партнерство.

На прашањето од каде своевремено заинтерсираноста на Канадска пошта за преземање на Македонска пошта, Бучковски вели тоа веројатно се должи на распространетата мрежа.

„Уште од поранешна СФРЈ речиси во секое село буквално имаше пошта. Тоа беше дополнителен предизвик, таму имаше и други предиспозиции. И интересот на холандската банка ИНГ за влез во Поштенска банка беше заради инфраструктурата што постоеше. Реално, ако немаше лош менаџмент во последните 10-15 години, Поштата и денес ќе беше атрактивна за приватизација“, вели тој.

Прашање е колку сега Пошта, со сите натрупани проблеми не само финансиски, туку и кадровски, организациски и тн. (некои го употребуваат терминот „клекната на колена“) ќе може да смета на респектибилен стратешки партнер, од рангот на Канадската пошта. Вицепремиерот Артан Груби за ТВ 24 изјави дека Словенечката пошта била заинтересирана за процесот, без да додаде било какви детали, освен дека СДСМ која ќе раководи со поштата, треба да предложи надворешно или експертско решение.

„Се надевам дека ќе се изнајде најдобро решение и дека ќе имаме добра понуда“, рече Груби, додавајќи дека состојбата во Пошта не е толку црна каква што се прикажува.

Една од дилемите е и дали во контекст на плановите на Владата за приватизација на Пошта е и најавеното продолжување на монополскиот статус на оваа компанија во однос на пратките до 50 грама, што ѝ дава предност во однос на другите учесници на пазарот кај нас. Доколку поминат предложените измени и дополнувања на Законот за поштенските услуги во Собранието рокот за либерализација на поштенските услуги да се одложи до 2022 година, тоа ќе биде шесто пролонгирање до сега, откако почна процесот на либерализаија на пазарот на поштенски услуги кај нас.

„АД Пошти на Република Северна Македонија се одликува со постоење на ‘гломазен’ систем кој го оневозможува и успорува долгиот и скап процес на реорганизација, и тоа во насока на унапредување на работењето, соодветно справување со конкуренцијата и нејзино полесно адаптирање кон работењето согласно сите правила за претприемништво и работа во услови на слободна пазарна економија“, цитира „Фактор“ дел од образложението во предложените законски измени.

Пролонгирањето за укинување на резервираната услуга почна уште во 2008 година, а укинувањето на ценовниот монопол за писма до 50 грама според последната измена лани, требаше да заврши на 31 декември годинава.

Инаку, според Извештајот на Агенцијата за пошти, регулаторното тело кое е надлежно за пазарот на поштенски услуги, лани на домашниот поштенски пазар работеле вкупно 44 лиценцирани даватели на поштенски услуги, а на крајот на 2019 останале да работат 41 даватели.

„Растот на бројката на активни даватели е постојан и се одржува стабилно низ годините. Од пазарната трка се откажуваат помалите оператори кои работат локално и екстензивно на пазарот со писма, по економски неоправдано ниски цени“, се вели во годишниот извештај на Агенцијата.

Од овие учесници на пазарот, Пошта има таканаречена Индивидуална дозвола за обезбедување универзална услуга, а другите 40 правни лица овластување за обезбедување поштенски услуги (18 на цела територија на Македонија, од кои осум и во меѓународниот сообраќај, а локално уште 23).

Во сите овие компании работеле вкупно 3.238 лица од кои 2.107 во Пошта на РСМ и 1.131 во другите компании, или 0,4 отсто од вкупниот број вработени во земјава. Во овој период, бројот на вработени во Пошта бил намален за 1,58 отсто, а кај другите бил зголемен за 3,2 отсто.

Обемот на поштенскиот пазар во 2019 изнесувал 39.456.518 милиони поштенски пратки (намалување од 0,7 отсто) како резултат на намалување на обемот кај давателите на слободниот пазар од 12,8 отсто на вкупниот обем на поштенски пратки, се вели во извештајот на Агенцијата за пошти, при што се додава дека кај Пошта на РСМ има благо зголемување на обемот во однос на 2018 и тоа за околу еден отсто, што е особено важно бидејќи последните неколку години имаше тренд на намалување.

Анализата за состојбите во поштенскиот бизнис во земјава што ја направи „Таргет груп“ покажува дека дваесетте компании со најголеми приходи лани оствариле 38,4 милиони евра, а дваесетте компании што имаат најголеми добивки оствариле вкупен профит од 2 милиони евра.

И покрај екслузивноста во дел од поштенските услуги, најголемиот број вработени и најразгранетата мрежа, Пошта сепак, одствари загуба, иако таа лани беше помала од претходните години.

Анализата покажува дека лани Пошта имала приходи од 19,4 милиони евра, што е речиси пет пати повеќе од втората компанија според приходите. Сепак, за разлика од Пошта која работи со загуба, втората по големина компанија на пазарот за поштенски услуги, со 284 вработени остварила добивка 1,6 милиони евра, што е највисок остварен износ во овој бизнис.

Овие податоци, но и натрупаните проблеми најавуваат дека најавениот процес на приватизација или јавно приватно партнерство, нема да биде лесен и едноставен процес.