„Ибицагејт“: Две години политички превирања во Австрија
Две години по откритијата во аферата наречена „Ибицагејт“, завчера во Виена почна првото судење поврзано со скандалот, против поранешниот австриски вицеканцелар од крајната десница, Хајнц-Кристијан Штрахе, кому му се суди за корупција.
Овој скандал со многу заплети веќе го вознемири конзервативниот канцелар Себастијан Курц.
Што се случува на островот Ибица?
На летниот одмор на Балеарските острови во 2017 година, во пресрет на парламентарните избори, лидерот на влијателната Австриска партија за слобода (АПС) се сретна со жена која му се претставила како богата внука на руски олигарх и изразила желба да инвестира во Австрија.

За време на средбата, што била проследена со обилен оброк, Штрахе понудил таа тајно да му ја финансира кампањата во замена за ветување, доколку стане член на владата, да и обезбеди победи на јавните тендери.
Штрахе, исто така, ја повикал да купи акции во „Кронен цајтунг“, тиражниот таблоид што е најчитан весник во земјата, со цел да го смени уредничкиот курс во негова корист, пракса што ја воведе премиерот Виктор Орбан во соседна Унгарија.
Тогаш политичарот немаше идеја дека е заробен и разговорот е снимен со скриена камера.
Во мај 2019 година, меѓутоа, дојде неочекуван исход: германските медиуми дистрибуираа извадоци од видеото, што доведе до пад на коалициската влада формирана од конзервативците на канцеларот Себастијан Курц и крајната десница, предводена од Хајнц-Кристијан Штрахе.
Потоа Курц, во јануари 2020 година, се врати на власт, склучувајќи необичен сојуз со Зелените.
Кои се правните последици?
Врз основа на забелешките од видеото, обвинителството нареди спроведување на десетина истраги.
Пред истрагата, лидерот на АПС тврдеше дека милијардерите, како и австрискиот коцкарски гигант „Новоматик“, незаконски ја финансираат политичката класа.
Споменатите лица негираа дека сториле нешто лошо, а во меѓувреме Штрахе за кажаното обвини дека е виновно виното што го испил за време на состанокот, тврдејќи дури и дека можеби бил дрогиран без да знае за тоа.

Досега само еден од наводните иницијатори на видеото – приватниот детектив, Џулијан Хесенталер, е испрашуван за прекршување на антидопинг законодавството, за што може да се соочи со затворска казна од 15 години.
Меѓутоа, истрагата доведе до одземање на голем број мобилни телефони, вклучувајќи го и телефонот на Штрахе, што даде можност да биде обвинет за корупција, заради мешање во корист на донатор на АПС.
Дали има опасност за актулениот владин кабинет?
Обвинителството формира ново дело за наводни врски меѓу „Новоматик“ и министерот за финансии, Гернот Блумел, близок човек до Себастијан Курц.
Според обвинителството, министерот е осомничен дека бил вмешан во донации дадени од компанијата за игри на среќа на конзервативната Австриска народна партија во замена за даночна помош во странство.
Двете страни ги отфрлаат обвинувањата.
Австрискиот канцелар јавно го осуди претресот во домот на неговиот министер, што ги налути судиите загрижени за нивната независност во земјата-членка на ЕУ со 8,9 милиони жители.
Потоа беше покрената истрага против Курц под сомнение за лажно сведочење пред парламентарната комисија. Ова дело се казнува со затвор до три години.
Австриското правосудство се сомнева дека канцеларот лажел во 2020 година за време на сослушувањето на пратениците кои побарале да објасни дали тој се мешал во назначувањето на неговиот близок пријател Томас Шмид за шеф на државна холдинг компанија. Курц тогаш негираше дека има нешто заедничко со него, но во последниве месеци во печатот се појавија СМС-пораките што двајцата си ги разменувале, со што се покажа дека разговарале за случајот.
Во пораката, придружена со срдечни емотикони, Курц пишува, на пример: „Ќе добиете се што сакате“, а Шмит одговара: “Јас сум многу среќен. Го сакам својот канцелар”. (АФП)