ИАТА: Поскапи авионски карти во Европа се „неизбежни“
Повисоки цени на авионските карти во Европа се „неизбежни“ поради растот на трошоците за млазно гориво, предупреди генералниот директор на Меѓународното здружение за воздушен сообраќај (ИАТА), Вили Волш.
Волш во интервју за Би-Би-Си рече дека авио-компаниите не можат долгорочно да ги апсорбираат зголемените трошоци за гориво, иако некои европски компании во последно време ги намалуваа цените на картите поради послабата побарувачка.
Волш предупреди и на ризиците по снабдувањето во пресрет на летната сезона, наведувајќи дека британскиот авио-сообраќај би можел да се соочи со потенцијален притисок врз резервите на гориво за време на врвот на сезоната, иако, како што нагласи, „нема причина за паника“.
Според него, дури и во случај на брзо отворање на Ормуската Теснина, нарушувањата на пазарот на нафта и оштетувањата на рафинериите на Блискиот Исток би можеле да имаат долготраен ефект врз цените на горивото.
– Едноставно нема начин авио-компаниите да ги апсорбираат дополнителните трошоци – рече Волш, додавајќи дека евентуалните попусти би биле краткорочни и дека трошоците на крајот ќе се одразат врз патниците.
Тој предупреди дека проблемот би можел да потрае неколку месеци, па дури и до следната година.
Европската Унија соопшти дека не гледа регулаторни пречки за користење на американско млазно гориво, под услов неговиот увоз внимателно да се менаџира, додека комесарот за енергетика Дан Јоргенсен порача дека не очекува недостиг во краток рок, но дека долгорочни ризици постојат.
Од туристичката индустрија пристигнуваат слични проценки – директорот на компанијата ТУИ, Себастијан Ебел, рече дека не очекува сериозни нарушувања во наредните месеци.
Британската влада наведе дека ја следи ситуацијата и дека соработува со авио-компаниите за да се избегнат нарушувања и да се овозможи стабилно планирање на летовите во текот на летната сезона.