И ТТК банка ќе дели дивиденда


ТТК банка одлучи да остане на одлуката да подели дивиденда од остварената добивка минатата година, соопшти денес банката. Во известувањето до Македонската берза се вели дека за вааквиот предлог на менаџментот на банката веќе се изјасниле 67,6 отсто од акционерите на ТТК банка кои за тоа гласале по пат на коресподенција. Истовремено банката соопшти дека Собранието на акционери закажано за 31.3.2020 се одложува за време на траењето на вонредната состојба.

„До донесувањето на Уредбата на Владата, во сoгласност со препораките на Комисијата за хартии од вредност за учество и гласање на Собранието по пат на кореспонденција, заклучно со 27.3.2020 година, 67,6 отсто од акционерите на Банката веќе гласаа за предложените Одлуки, се вели во известувањето до Берзата.

Врз основа на овој висок процент на акционери кои се изјаснија за предложените одлуки на закажаното акционерско собрание на Банката, Управниот одбор и Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје сметаат дека Банката треба да остане на Одлуката за распоредување на добивката од 2019 година што е веќе предложена на Собранието на акционери. Поткрeпа на ваквиот деловен став на надлежните органи на Банката е и досегашното успешно реализирање на сите зацртани стратешки развојни и деловни активности на Банката во изминатиот период коешто резултира со одржување долгорочна стабилност и подготвеност за апсорпција на ризиците.

Дополнително, кон крајот на третиот квартал од 2019 година и почетокот на првиот квартал од 2020 година, ТТК Банка АД Скопје издаде две долгорочни корпоративни обврзници во износ од по 1,5 милиони евра или вкупно 3 милиони евра, се со цел прудентно управување со капиталната позиција на Банката. Во исто време, ТТК Банка постојано издвојува и дел од добивката во резерви. Сето ова влијае на зголемувањето на сопствениот капитал на Банката и во согласност со предложената Одлука, капиталот на Банката ќе достигне износ од 1.173 милиони денари или 19 милиони евра. Ова за ТТК Банка претставува солидна капитална основа и гаранција за успешно соочување со очекуваните евентуални негативни движења и последици врз стопанството коишто ќе ги предизвика кризата на светската пандемија со вирусот Ковид-19.

ТТК Банка е речиси целосно во сопственост на домашни акционери. Со состојба на 29.2.2020 година, 99,3 отсто се домашни акционери и само 0,7 отсто се странски акционери. Речиси целиот износ на предвидената дивиденда ќе биде исплатен на домашни правни и физички лица. Според сегашната состојба на акционерската книга, дивидендата ќе им биде исплатена на 1.813 домашни физички лица во нето износ од 33,8 милиони денари, на 131 домашни правни лица во износ од 61,6 милиони денари и ќе биде исплатен данок кон Буџетот во износ од 3,8 милиони денари. Во согласност со ова, ќе се подобри ликвидноста на сите овие субјекти, вклучувајќи го и Буџетот на државата.

ТТК е втора банка денес која што објави дека ќе подели дивиденда и покрај укажувањето на Народната банка која сугерираше добивката од претходната гопдина да се распредели како резерва. Претходно, со слично соопштение излезе и Комерцијална банка. Минатата недела укажувањето на НБМ го прифати НЛБ банка, која прашањето за распределба на добивката го остави по завршуавње на вонредната состојба. НЛБ денес соопшти дека одржувањето на Годишното собрание на Банката, закажано за 16.04.2020 година, се одложува за време на траењето на вонредната состојба.