И ЕУ ќе „лови“ таленти во земјите нечленки


Европската комисија покрена иницијатива за привлекување таленти и зајакнување на партнерствата за миграција со трети земји.

„Замената на нерегуларната миграција со правни патишта треба да биде наша стратешка цел“, истакна европскиот комесар за внатрешни работи, Илва Јохансон.

Како дел од новиот пакт за азил и миграција, Европската комисија на 11 јуни покрена нова иницијатива „што ќе помогне да се надмине недостатокот на работници со одредени вештини во Европската унија и да се зајакнат заемно-корисните партнерства за миграција со трети земји“, порачаа од ЕК.

„Усогласување на вештините на работниците од земјите надвор од ЕУ со потребите на пазарот на трудот во ЕУ и партнерствата за таленти треба да станат клучен дел од односите на ЕУ со партнерските земји кога станува збор за заедничко управување со миграцијата“, стои во информацијата.

Потпретседателот за промовирање на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас, рече дека добро управуваната легална миграција може да донесе големи придобивки за општеството и економијата во ЕУ, особено кога излегуваме од пандемијата КОВИД-19.

Во соопштението се забележува дека „Комисијата ќе понуди голем број на прилагодени партнерства за таленти со специфични клучни земји и региони во соработка со заинтересирани земји-членки и други засегнати страни“.

Италијанскиот министер за внатрешни работи го поддржува влезот на квалификувани работници.

„Политиките за легален влез во Европа на луѓе кои имаат специфични професионални вештини можат да помогнат да се намали миграцијата без документи што ја погодува нашата земја“, рече  италијанската министерка за внатрешни работи, Лусијана Ламоргезе.

Ламоргезе подвлече дека моменталните потреби на пазарот на трудот во европските земји бараат „и професионални профили на високо ниво и работници со ниска и средна квалификација“.