Хуманитарен работник на ОН и 70 члена од неговото семејство загинаа во израелски напад
Во воздушен напад на израелската војска загинаа повеќе од 70 членови на пошироко семејство, вклучително и ветеран хуманитарен работник на ОН, додека генералниот секретар на ОН предупреди дека размерите на смртта и уништувањето во Газа ја блокираат испораката на очајно потребната помош.
Исам ал-Муграби (56) е убиен со сопругата, петте деца и десетици други роднини во бомбардирање во близина на градот Газа, се вели во изјавата на шефот на програмата за развој на ОН (УНДП) во која се повикува и на итен прекин на огнот.
„Загубата на Исам и неговото семејство длабоко не погоди сите нас“, рече администраторот на УНДП, Ахим Штајнер. „ОН и цивилите во Газа не се цел. Оваа војна мора да заврши. Повеќе семејства не треба да ја трпат болката и страдањето што ги доживува семејството на Исам и безброј други“, порача тој.