Христодулидис: Секое решение треба да се базира на целосно почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина


Секое решение треба да се базира на целосно почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, истакнал кипарскиот претседател Никос Христодулидис за време на неговото учество на трите последователни видеоконференции за Украина, а воедно се осврнал и на искуството на Кипар, информираше портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.

Христодулидис учествуваше на видеоконференциите на Европската народна партија, на Коалицијата на подготвените, како и на лидерите на ЕУ, а Летибиотис во писмената изјава посочи дека кипарскиот претседател ја изразил целосната поддршка на Кипар за Украина и украинскиот народ.

– Претседателот на Република Кипар ја истакна критичноста на прашањето за окупираните украински територии, посочувајќи дека секое решение треба да се базира на целосно почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина. Подвлече дека историското искуство на Кипар, со 37 отсто од нејзината територија што веќе 51 година останува под нелегална турска окупација, на најјасен начин ја потврдува потребата од одбрана на овие принципи, без отстапки или исклучоци, соопшти портпаролот на кипарската Влада.

Дополнително, кипарскиот претседател посочил дека Кипар, како земја-членка на ЕУ „што ги живее последиците од окупацијата, неразделно го поврзува сопственото искуство со европската борба против секоја политика на окупација и ревизионизам, која е насочена против мирот, безбедноста и меѓународниот поредок“.