Хорор во Португалија: Маж бил роб 17 години, уапсени четири лица


Португалската полиција денеска соопшти дека уапсила четири лица под сомнение дека држеле 54-годишен маж како роб 17 години во северниот регион Браганца.

Во соопштението се наведува дека мажот преживеал физичко и психичко малтретирање, принудна работа и „издавање“ на други луѓе за земјоделска работа, пренесува Ројтерс.

„Живееше во понижувачки услови, поминувајќи ноќи во комбе без минимални услови за живот, здравје, хигиена и исхрана“, соопшти полицијата, додавајќи дека обвинетиот „никогаш не му дозволувал да добие медицинска помош, дури и кога бил тешко повреден“.

Се додава дека по 17 години заробеништво, со трајни повреди кои му ја ограничуваат можноста за движење, успеал да побегне и сега добива специјализирана поддршка. Ројтерс пишува дека случаите на трудова експлоатација и трговија со луѓе се во пораст во Португалија, особено кога станува збор за земјоделската област.

Во јуни 2022 година, Советот на Европа посочи дека Португалија идентификувала 1.152 жртви на трговија со луѓе од 2016 до 2020 година.