Холандија ѝ дава силна поддршка на Македонија на патот кон ЕУ

Холандскиот министер за надворешни работи Хукстра во посета на Скопје


 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната заедничка прес-конференција со Вопке Хукстра, министер за надворешни работи на Кралството на Холандија, изрази здоволство што одржуваме добар интензитет на политички дијалог на високо ниво.

Ова е одраз, нагласи Османи, на пријателството и партнерството помеѓу нашите две држави што се одвива во последните три децении.

Шефот на дипломатијата информирајќи дека идната година одбележуваме 30 години од воспоставување дипломатски односи со Кралството Холандија, нагласи дека Холандија е една од најголемите и најконзистетни поддржувачи на демократскиот развој на РС Македонија, но и на евроатлантските перспективи.

„Холандија е еден од најголемите донатори токму фокусирајќи се на развојот на демократијата на цивилното општество. Ние сме благодарни за сето тоа, меѓутоа се разбира и во конкретната и козистентна поддршка на нашиот евроинтегративен пат“, рече Османи.

Како што информира тој, на средбата разговарале за почетокот на преговорите со ЕУ. „Објаснив за подготвките што ги прави Северна Македонија кога за една недела ќе треба да го отвори првиот кластер во делот на скринингот и предизвиците коишто нѐ очекуваат на тој пат. И задоволство беше да слушнам дека Холандија е подготвена да продолжи и да ја интензивира поддршката во подготовката на земјата за исполнување на критериумите за членство во ЕУ“, рече Османи.

Османи и Хукстра разговарале и за билатералната соработка, оценувајќи ја за одлична и на политички и на економски план. Говореле и за зголемување на трендот на економската и трговската размена, но и бројот на туристи, како и фактот дека 35 илјади холандски туристи поминуваат годишно во Македонија, бројка што зборува само за себе за одличните односи помеѓу двете држави.

Во фокусот биле и  регионалните предизвици, меѓутоа и вкупниот геополитички контекст наметнат со руската агресија во Украина и последиците што ги предизвикува.

Министерот Вопке Хукстра, посочувајќи дека ова е прва негова посета на нашата земја, упати честитка за утрешниот Ден на независноста.

Според него, воспоставен е одличен дијалог меѓу двете земји, имаме силни билатерални односи, и со радост очекуваме, истакна, следната година да ја прославиме 30-годишнината од воспоставување на нашите дипломатски односи. 

„Денес, ние и нашите тимови, ја потврдивме нашата силна поддршка за Украина и украинскиот народ, и неопходноста да се стави крај на руската агресија. Би сакал да изразам пофалби за Македонија што застана заедно со НАТО партнерите во поддршка на Украина покажувајќи и зајакнувајќи го единството. Исто така, Македонија помогна и во испорака на оружјето“, рече Хукстра. 

Тој се осврна на Првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ и потенцира дека со тоа се обележа стартот на почетнат фаза на преговорите за членство. 

„Знам, и потврдувам дека имаше многу тешки моменти претходно за С.Македонија. Меѓутоа јас целосно ги поддржувам сите ваши заложби и напори на патот кон ЕУ интеграцијата“, истакна Хукстра. 

Како и секогаш, патот кон пристапување вп ЕУ бара време. 

„Зборувавме во детали за ова прашање, зборувавме за тоа како може Холандија да помогне, зборувавме за транспрентност и борба против корупцијата. Би сакал од име на Холандија да нагласам ние ќе продолжиме да ја поддржуваме и да ги поттикнуваме сите напори на вашата земја во правец на интеграција во ЕУ“, истакна министерот Хукстра.