Холандија станува помалку скептична кон проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан

Политичарите во Холандија беа донекаде изненадени од сознанијата на новата студија, бидејќи народното мислење секогаш се користеше како изговор за кочница на проширувањето


Холандскиот премиер Марк Руте на неодамнешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана

 

Изгледа дека јавното мислење во Холандија, кое се смета за фундаментално скептично или критично за проширувањето, ги менува ставовите, покажа студијата на група автори. Речиси половина од испитаниците од оваа студија – 45%, го поддржале влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ: поконкретно, 38% од испитаниците рекле дека тоа би било релативно добро, додека 7% рекле дека би било многу добро доколку земји како Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија се приклучат на ЕУ.

Спротивно на тоа, 34% од испитаниците се чувствуваат прилично или многу негативно за тоа, додека 21% не се одлучни, покажуваат податоците од ова истражување на кое се осврнуваат шестмина автори (Доника Ермини, Јан Ајхорн, Милена Стефановиќ, Неле Ајлерс, Срѓан Цвииќ и Тобијас Спори) во заедничка колумна објавена во „Еурактив“.

Тие пишуваат дека поради војната во Украина се менува фокусот на проширувањето на Европската унија. „Некој би рекол дека веќе е поместено. Оваа промена е релативно ненадејна и неочекувана, а она што не можеше да се замисли пред една година сега е реалност“ наведуваат тие за резултатите од истражувањето насловено „Строго, фер и поотворено кон проширувањето на ЕУ! Холандското јавно мислење за членството на Западен Балкан во ЕУ“ (направено од Европскиот фонд за Балканот, БиЕПАГ и Дпарт)..

Според нив, има две јавности во приказната за проширувањето: едната е во Западен Балкан, другата е во земјите-членки.

„Јавноста во Западен Балкан ја набљудува одлуката на земјите-членки и прашува како земја во војна,Украина, добива кандидатски статус, додека Босна и Херцеговина сѐ уште е во статусот на ‘потенцијален’ кандидат. Без разлика на објаснувањето, за обичните луѓе во Западен Балкан ова звучи лицемерно и нелогично.

Се зголемува процентот на луѓе кои веруваат дека нивната земја никогаш нема да биде земја-членка. Со едноставни зборови, за Украина имаше политичката и медиумската поддршка, за Босна и Херцеговина, ја нема или ја немаше.

Од друга страна, кога станува збор за проширувањето, некои земји-членки со години ги користат јавните ставови како изговор за ставање вето на чекорите во процесот на пристапување на некои земји. Генерално, граѓаните на Европската унија во сите земји-членки не знаат многу за источните соседи или инструментите и критериумите кога станува збор за политиката на проширување“, стои во текстот.

Како што стои во студијата од истражувањето, иако луѓето се грижат за почитување на критериумите за пристапување во ЕУ, повеќето знаат малку за нив или за конкретните земји кои би можеле да се приклучат на Унијата. Околу 42% од холандските испитаници во истражувањето точно идентификувале шест земји од Западен Балкан, додека во фокус групите, само неколку ги именувале земјите кои припаѓаат на т.н. ЗБ6.

Што можеме да се научи од овие наоди?

„Ставовите на јавноста во Холандија се менуваат, и иако луѓето не го доживуваат ова прашање како важно (важно), тие не се многу против тоа. Политичарите беа донекаде изненадени од тие сознанија, што нè наведува да заклучиме дека народното мислење било и веројатно сè уште се користи како изговор.

Предолго носителите на одлуки ги користеа своите изборни единици како оправдување за недостаток на визија, геополитичка храброст и уште повеќе за акција. Јавноста низ Европа е будна и свесна дека е важен редоследот.

Сега треба да видиме дали драгоценото време за акција нема да се изгуби од сите страни. Клучното прашање е колкава би била цената на неуспехот доколку Европската унија не дејствува сега“, велат шестемина автори.