Хегсет: Минувањето на двата наши брода низ Ормуз докажува дека пловењето е слободно


Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, и началникот на Здружениот штаб на американската војска, генерал Ден Кејн, денеска од Пентагон нагласија дека на САД „не им е потребна борба“ и додаде дека на Иран не смее да му се дозволи да блокира меѓународен воден пат и да запира стока наменета за невини земји.

„Минувањето на двата брода покажува дека пловењето низ Ормуз е слободно“

Министерот објасни дека новиот „Проект Слобода“ е целосно одделен од операцијата „Епски бес“, која беше започната кон крајот на февруари, на самиот почеток на војната. Главната задача на овој нов проект е да се заштити комерцијалниот бродски превоз од иранската агресија, а Хегсет додаде дека целата мисија е од привремен карактер.

Блокирањето на мореузот од страна на Иран американскиот министер го нарече „меѓународна уцена“ и го оцени како целосно неприфатливо.

Како доказ дека нивната стратегија веќе дава резултати, тој го наведе фактот дека два американски трговски брода веќе безбедно поминале низ теснината. Според него, ова докажува дека „минувањето е слободно“, додека Иран останал „посрамен“ низ целата приказна.

Хегсет, исто така, се пофали со „поставување моќна црвено-бело-сина купола над целата теснина“. Тоа е, како што рече, „систем што обезбедува континуиран надзор на мирните трговски бродови, додека иранските бродови се под постојан притисок“. Тој додаде дека блокадата на САД веќе принудила шест ирански бродови да се повлечат.

Освен воената компонента, Пентагон го претставува овој потег како хуманитарен гест за да се спречи глобалниот недостиг на енергенти најтешко да ги погоди токму најсиромашните луѓе во светот. Притоа, тој всушност ја повтори тезата на претседателот Трамп, кој минатиот викенд „Проектот Слобода“ го нарече хуманитарен чин.

На самиот крај, во директна закана Хегсет јасно рече дека Иран ќе се соочи со „преголемата американска огнена моќ“ доколку на било кој начин се обиде да го наруши „Проектот слобода“.

Хегсет верува дека на овој начин Иран се обидува да го „освои светот“ и ги повика другите земји да се активираат и да им помогнат на Американците во одржувањето на отворениот премин.