Харис со поддршка од поранешни видни демократи, Трамп отфрлен од искусните републиканци


Вашингтон – Неколкумина поранешни станари во Белата куќа се активирани во митинзи за поддршка на  потпретседателката Камала Харис: Бил Клинтон неодамна беше во Северна Каролина, Барак Обама в четврток оди за Џорџија, а неговата сопруга, Мишел во сабота е во Мичиген, каде во таа држава почнува предвременото гласање.

Кампањата на ривалот на Харис, поранешниот претседател Доналд Трамп, пак е водена од антиестеблишмент, и радикални елементи кои го величат и го претставуваат како праведен изгнаник.

Обама имаше огнено обраќање на митинг синоќа во Детроит Мичиген, каде на сцената беше најавен од раперот Еминем.

Дури и поранешниот претседател Џими Картер кој неодамна прослави јубилејен 100-ти роденден и кој прима нега од хосписи, гласаше за Харис во предвременото гласање во Џорџија. Таа се обидува да го зајакне својот имиџ и собра поддршка не само од демократските лидери, туку и од голем број фигури од Републиканската партија и поранешни функционери во администрацијата на Трамп, кои сега се дистанцирани од него.

Деновиве, Харис посети три клучни држави заедно со поранешната републиканска конгресменка Лиз Чејни, која ги осуди постапките на Трамп како недостојни за претседателската функција и објасни на своите републикански колеги зошто Харис е првиот демократ за кој таа ќе гласа. Таткото на Лиз, поранешниот републикански потпретседател Дик Чејни, исто така ја поддржа Харис, иако не е вклучен во кампања.

Чиста спротивност на ова е кампањата на поранешниот претседател. Тој не доби поддршка од поискусните видни членови на Републиканската партија како Чејни, сенаторот Мит Ромни или поранешниот гувернер на Њујорк Крис Кристи. Но тој ја има поддршката од актуелните повитални републикански првенци кои вешто играат на радикалните карти како засилена борба против нелегалната имиграција и намалување на подршката за Украина. Тоа се спикерот на Претстаничкиот дом Мајк Џонсон, сенаторот од Јужна Каролина  Линдиз Грем или конгресменот од Јужна Дакота Кристи Ноем.

Лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел, републиканец од Кентаки, според приватни разговори рекол за Доналд Трамп дека е  „одвратен човек,“ „нарцис,“ „глупав“ и со „лошо расположение,“ според новата книга на новинарот на „Асошијетед прес“, Мајкл Такет. Трамп, пак, редовно го навредувал Меконел, нарекувајќи го „стара врана.“ Сепак, Меконел претходно годинава го поддржа Трамп, изјавувајќи дека тој ја заслужил номинацијата на Републиканската партија.