Хаос во Германија: Откажани повеќе од 1.800 летови
Стотици летови беа откажани во Германија во вторник, бидејќи пилотите на Луфтханза штрајкуваа втор ден по ред поради спор околу подобри плати и пензии, објави новинската агенција ДПА.
Пилотите на матичната компанија Луфтханза, како и на Луфтханза Карго и Луфтханза СитиЛајн, го започнаа штрајкот кратко по полноќ во понеделник.
Повеќе од 1.100 полетувања и слетувања во Франкфурт, главниот центар на Луфтханза и најголемиот аеродром во Германија, беа откажани во понеделник и вторник, додека 710 летови беа откажани во Минхен.
Штрајкот на пилотите, организиран од синдикатот ВЦ, е фокусиран на спорови околу платите, вклучувајќи го пензискиот систем на компанијата и бенефициите во регионалната подружница СитиЛајн.
Сепак, се очекува пилотите на Еуровингс да продолжат со работа во вторник.
Во меѓувреме, кабинскиот персонал на Луфтханза е повикан на штрајк во среда и четврток.
Во понеделник, директорот за човечки ресурси на „Луфтханза“, Михаел Нигеман, ги предупреди синдикатите да не продолжат со конфронтациски пристап, велејќи дека секој ден штрајк ја ослабува авиокомпанијата.