Хаос по Евросонг : Белгија се повлекува, директорот на молдавската ТВ даде оставка
И по завршувањето на 79. издание на Евросонг викендов во Виена, хаосот околу престижниот музички натпревар, продолжува.
Белгија објави дека би можела да стане шестата земја што се повлекува од Евровизискиот натпревар поради учеството на Израел. Пред овогодинешниот натпревар, пет национални радиодифузери веќе го објавија своето повлекување во знак на протест против одлуката да му се дозволи на Израел да се врати.

VRT: Шансите за учество следната година се мали
Белгискиот радиодифузер VRT објави дека е малку веројатно да учествува на натпреварот следната година ако ситуацијата остане непроменета. Во соопштение објавено на веб-страницата на VRT, портпаролката Јасмин Ван дер Борхт изјави: „Мали се шансите VRT да испрати изведувач следната година“.
„Очекуваме силна порака од Европската радиодифузна унија, која го организира Евровизискиот натпревар, против војната и насилството и за почитување на човековите права. Ова се вредности што треба да го обединат фестивалот, но во моментов се премногу ставени во втор план“, додаде таа.
„Бараме јасна рамка за учество, отворена дебата и директно гласање од страна на членовите на EBU. Досега добивме недоволен одговор. Дури и за време на полуфиналето минатата недела, не добивме никаков сигнал дека EBU ги слуша нашите загрижености. Секако, сакаме да разговараме за ова со други радиодифузери. Но, ако ставот на EBU не се промени, има мали шанси VRT да испрати изведувач следната година“, заклучи Ван дер Борхт.
Белгиски систем на ротација
Белгија има два национални радиодифузери – францускојазичниот RTBF и фламанскиот VRT – кои ротираат секоја година во организирањето на Евровизискиот натпревар. Оваа година беше ред на RTBF, додека минатата година, VRT изјави дека „го дели и поддржува ставот на земјите што се откажаа од учество на Евровизискиот натпревар“.
Финалето во живо во саботата покажа дека Израел заврши на второто место втора година по ред. Победата на крајот ја освои бугарската претставничка Дара, обезбедувајќи ја првата победа на нејзината земја во историјата на натпреварот.

Извршниот директор пак на јавниот радиодифузен сервис на Молдавија, Влад Турчану, поднесе оставка откако гласањето на националното жири на Евровизија предизвика јавен револт. Оставката дојде само два дена по финалето во Виена, по одлуката на жирито да ѝ додели на Романија само три поени, додека Украина не доби ниту еден.
Влад Турчану, раководителот на јавниот радиодифузен сервис Телерадио-Молдавија (TRM), на 18 мај објави дека се повлекува од својата позиција поради контроверзноста што се појави по гласањето на молдавското жири на Евровизискиот натпревар за песна.
Јавноста во Молдавија реагираше луто откако стручното жири ѝ додели на соседна Романија само три поени, додека Украина не доби ниту еден. Многумина го протолкуваа исходот не само како музичка одлука, туку и како политички чувствителен потег, со оглед на односите на Молдавија со двете земји.
„Јас ја преземам одговорноста“
Турчану на прес-конференција рече дека како раководител на институцијата ја презема одговорноста, иако не сака да влијае на одлуките на членовите на жирито.
„Гласањето е наша одговорност, а пред сè моја како раководител на институцијата. Избегнав да давам инструкции на жирито, но она што се случи од наша перспектива е невообичаено. Жирито не ја зеде предвид чувствителноста на односите на Молдавија со нашите два соседа“, рече тој.
Тој додаде дека со поднесувањето оставка сакал да испрати јасна порака дека односите на Молдавија со Романија и Украина остануваат непроменети, без оглед на поените доделени на музичкиот натпревар.

„Нашиот став кон Украина не е нула поени“
Неговата изјава за Украина, која не доби ниту еден поен од молдавското жири, особено резонираше.
„Нашиот став кон Украина не е нула поени, а нашето чувство кон Романија не може да биде ништо друго освен љубов“, рече Ќурцану.
Повеќе од музички натпревар
Иако Евровизискиот натпревар формално е претставен како музички натпревар, гласањето често се гледа низ политички и дипломатски контекст. Во случајот со Молдавија, реакциите беа особено силни бидејќи Романија и Украина имаат многу важно место во односите на земјата во надворешната политика.
Молдавија и Романија делат јазични, културни и историски врски, додека Украина е еден од клучните партнери на Молдавија во контекст на регионалната безбедност во последните години. Токму затоа дел од јавноста не ја доживуваше одлуката на жирито само како прашање на музички вкус.
Јавната телевизија се дистанцира од жирито
Пред оставката на директорот, Телерадио-Молдавија се обиде да ја смири ситуацијата со објавување соопштение во кое се наведува дека гласовите на стручното жири не го претставуваат официјалниот став на институцијата. Сепак, јавниот притисок не стивна, па затоа Ќурчану одлучи да преземе лична одговорност за настанатата ситуација.
Според молдавските и романските медиуми, тој официјално ќе ја поднесе својата оставка до Надзорниот одбор на ТРМ, и рече дека сака да го заштити угледот на институцијата и односите на Молдавија со соседните земји.