Хамас ја обвинува израелската армија за кражба на органи од убиени Палестинци


Властите на Хамас во Газа денеска го обвинија Израел за кражба на органи од телата на Палестинците предадени на Хамас и повикаа на меѓународна истрага.

Според Хамас, при прегледот на телата било откриено дека нивната форма била значително изменета поради кражба на витални органи, пренесува Анадолија. Се додава дека израелската армија ги предала телата без имиња и одбила да прецизира од каде се донесени, поради што Министерството за здравство на Газа сè уште се обидува да ги идентификува.

Хамас, исто така, го критикуваше „молкот на меѓународните организации кои дејствуваат во Газа, вклучително и Црвениот крст, во врска со „таквото страшно злосторство од страна на окупаторите“.

Израелските власти вчера предадоа тела на 80 Палестинци кои беа убиени од израелската армија и заробени за време на копнената офанзива во Газа. Министерството за здравство во Газа ги прими телата преку граничниот премин Керем Шалом на југот на Појасот Газа.

Израелските власти се уште не ги коментирале наводите на Хамас.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган исто така изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се разликува од Адолф Хитлер и ги спореди нападите на Израел врз Газа со нацистичкото прогонство на Евреите. Говорејќи на настан во Анкара, Ердоган ја повтори својата критика за поддршката на Западот за Израел и додаде дека Турција е подготвена да ги прими академиците и научниците кои се соочија со прогон поради нивните ставови за конфликтот во Газа, пренесуваат британските медиуми.

Турскиот претседател минатата недела изјави дека е срам за човештвото што толку многу „славни“ земји стојат со скрстени раце пред израелските „варварски напади, масакри и грабежи“.

„Историјата ќе им суди на одговорните за предизвикување на оваа одвратна слика, на оние кои се обидоа да ја легитимираат и на оние кои ги затворија очите пред неа, рече Ердоган на минатонеделната церемонија на доделување претседателски награди за култура и уметност во Анкара, пренесе агенцијата.