Гутереш се сретна со Лавров во потрага по мир


 

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска во Москва се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Гутереш, кој е во својата прва посета на руската престолнина откако руските трупи ја нападнаа Украина, рече дека бара начини да се најде „мирно решение“ што е можно поскоро.

„Исклучително сме заинтересирани да најдеме начин да создадеме услови за ефективен дијалог, што поскоро прекин на огнот и мирно решение. Знам дека имаме различни толкувања на она што се случува во Украина. Ова не ја ограничува можноста за сериозен дијалог за тоа како најдобро можеме да работиме за да го намалиме страдањето на луѓето“, рече тој.

„ОН се подготвени да ги мобилизираат своите ресурси. Предлагам да се координираат ОН, Црвениот крст и украинските сили со цел да се организира евакуација од фабриката за челик ‘Азовстал’“.

„Гледаме раст на цените на храната и енергијата што доведува до страдање низ целиот свет, а најмногу страдаат земјите во развој. Колку побрзо донесеме мир, толку подобро за сите. Многу е важно вредностите на мултилатерализмот да останат живи. Ни треба мултиполарен свет со мултилатерални институции кои се придржуваат до Повелбата на ОН“, рече Гутереш.

Гутереш во текот на денот ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа ќе го посети Киев.

Во Киев остро беше критикувана одлуката на Гутереш прво да ја посети Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „не гледа правда или логика“ во таквиот распоред.

Од почетокот на руската воена интервенција во Украина, ОН се покажаа маргинализирани, а една од причините е што Русија е постојана членка на Советот за безбедност на ОН заедно со Кина, САД, Велика Британија и Франција и нејзината инвазија предизвика криза меѓу петте држави.