Град наследи милиони од човек што никогаш не бил таму
Не се случува често цел град да добие на лотарија – но токму тоа му се случи на еден мал град во Франција.
Малиот град Тибервил во Нормандија добил неочекуван имот вреден пет пати поголем од годишниот општински буџет од париски жител кој го носел истото презиме – Тибервил.
За време на долгиот живот на Роже Тибервил, тој ниту еднаш не го посетил градот во Нормандија што му го дал неговото презиме. Тој потекнува од семејство на сопственици на лозја, наследил имот во Париз од неговите родители и работел како метеоролог.
Но, кога Тибервил умрел во август на 91-годишна возраст, без да остави потомци, градоначалникот на истоимениот град со 1.773 жители добил телефонски повик во кој бил известен дека покојникот му оставил во аманет на градот поголем дел од своето богатство, проценето на 10 милиони евра.
Гај Пари, градоначалникот на Тибервил, вели дека зачудените и воодушевени локални жители и официјални лица сега размислуваат како да ги потрошат неочекуваните пари, што е пет пати повеќе од годишниот буџет на општината.
Што ќе прават со парите?
„Тоа е извонредна сума пари. Ова е надвор од нашите најлуди соништа. Сè уште не знаеме што ќе правиме со нив. Нема да потрошиме сѐ. Ќе управуваме со ова наследство како што секогаш работевме со нашиот општински буџет – претпазливо и одговорно“, рече Пари за локална радио станица.
Француската општина сега се обидува да го отплати банкарскиот заем од над 400.000 евра кој беше искористен за изградба на ново основно училиште.
Бидејќи градот е јавна институција, нема да мора да плаќа данок на наследство.
Што барал за возврат?
Пари наведува дека се чини дека единствената врска на Тибервил со градот е неговото презиме и дека разбрал дека добротворот на градот живеел „скромно во Париз“, каде што имал четири стана во југоисточниот 15-ти арондисман на градот. Чудно е што нема негови фотографии, а единствена желба му била пепелта да биде поставена во спомен обележје на општинските гробишта.
„Господин Тибервил не бараше ништо за возврат, но ние му го должиме барем тоа“, рече градоначалникот.
Тибервил е незабележителен град кој може да се пофали со замок од крајот на 19 век и поранешна фабрика за ленти, но ништо друго не го издвојува од другите општини во Нормандија. Најблиската голема туристичка атракција е големата базилика во Лисие – 16 километри западно – изградена во чест на Света Тереза и отворена во 1950-тите.
„Имаме разни проекти: градска градина со игралиште, терен за бочање со соларни панели кои ќе служат како сенка, реновирање на основно училиште, синтетичко фудбалско игралиште…“, наведува Гај Пари.
Додека Тибервил славеше, соседните села Ле Плонке и Ла Шапел-Аронг веројатно жалат поради одлуката да не се спојат со градот за да добијат субвенции резервирани за заедниците со повеќе од 2.000 жители. Планот беше отфрлен од соседните советници, што значи дека Тибервил нема да мора да го дели своето наследство.