Говорот на омраза ќе стане кривично дело во ЕУ


Еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, најави дека Европската комисија ќе предложи заедничка дефиниција за говорот на омраза  за ЕУ во обид да се засили заштитата од злоупотребата на интернетот.

„Сакам да го проширам на ниво на ЕУ поимот злосторство поради говор на омраза  вклучувајќи ги во него сите различни форми на говор на омраза, не само тероризам, туку и расизам, агресија против малцинства и различен вид говор на омраза на платформите “, рече Рејндерс.

ЕК во септември објави дека сака да го прошири списокот на дела што спаѓаат во  говор на омраза, и тоа врз основа на раса, религија, национално или етничко потекло. Исто така, размислува за вклучување и на говорот на омраза поврзан со секс и сексуална ориентација.

Во моментов, земјите на ЕУ имаат национални правила за говор на омраза кои се разликуваат по обем и сериозност. Рејндерс најави дека предлогот на ЕУ, познат како Закон за дигитални услуги, е прв дел од европската стратегија за справување со говорот на омраза, за кој ќе бидат потребни платформи за отстранување на нелегална содржина и производи. Тој исто така сака ЕУ да усвои заедничка дефиниција за говорот на омраза, за што е потребна едногласност меѓу неговите 27 члена.

Некои земји членки на ЕУ изразија загриженост околу овој закон бидејќи според нив културните и националните разлики во врска со она што се смета за нелегален говор може да имаат влијание врз слободата на изразување.