Готово е летото во Франција? Делта сојот ги наруши плановите


 

Пред само три дена Франција ги отвори ноќните клубови, прв пат по 16 месеци, а во најава се нови мерки по појавата на делта сојот на корона вирусот.

Иако, со цел да се врати животот во нормална, Франција пред три дена ги отвори ноќните клубови, можни се нови ограничувања затоа што новиот делта сој придонесе до зголемување на бројките новозаразани.

Францускиот претседател Емануел Макрон утрово е домаќин на состанокот на највисоко ниво за безбедносната ситуација поради корона вирусот, а вечерва преку телевизија тој ќе се обрати до нацијата, пренесе АП.

Овојпат, како што се очекува ќе се објави план за донесување закон со кој сите здравствени работници ќе мора да се вакцинираат, а може ќе се најават и посебни кови-пропусници за ресторани или други секојдневни активности.

Меѓу останатите можности се и повтроно воведување ограничување на бројот луѓе на јавни места, како и можна најава за плаќање на некои тестови за корона вирус, кои досега беа бесплатни.

Сите нови мерки, како што наведува АП, веројатно ќе бидат релативно благи засега, но ќе бидат насочени на потсетување на Французите дека пандемијата сѐ уште не е готова.

„Сите мора да живееме со вирусот. Животот со вирусот значи да не затвораме повторно сѐ“, изјави вчера францускиот министер задолжен за Европа, Клемон Бон.

Франција вакцинира 40 отсто од популацијата, а вакцините се достапни на секој кој е постар од 12 години, но побарувачката за вакцини се намалува последните недели.