Горивата поскапуваат од два до 2,5 денари по литар
Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за 2,5 денари, а цената на дизелот се зголемува за два денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,47 отсто.
Новата максимална малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 85 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 87, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 93,5, а Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) за 98,5 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 3,064 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 49,720 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени кај сите нафтени деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување и тоа кај бензините во просек за 5,324 отсто, кај дизелот за 2,817, кај екстра лесното масло за 3,394 и кај мазутот за 8,305 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,3444 отсто.
Потсетуваат дека во оваа пресметка се земени во предвид намалениот износ на акцизата за 4 денари за литар кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и намалениот износ на акцизите за 2 денари за литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и намалениот износ на ДДВ за нафтените деривати ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98
во износ од 10 отсто, со исклучок кај дизелските фракции и мазутот.
На најголем дел од бензиниските пумпи во земјава дизелот се продава за три, а бензините за два денари пониско од максималната малопродажна цена што ја определува РКЕ.