Гордан Георгиев негира дека има лидерски амбиции во СДСМ


По најавата на Зоран Заев дека ќе се повлече од лидерската позиција во СДСМ, името на поранешниот партиски потпретседател Гордан Георгиев се споменуваше како еден од можните кандидати за нов партиски претседател, кој, според последните измени на партискиот статут, треба да се бира на непосредни внатрепартиски избори.

Георгиев се огласи по повод на ваквите, како што вели, шпекулации, инсинуации, евентуални желби и потреби за негов претпоставен ангажман за вклучување во активна политика или на некакво раководно место во СДСМ. Во однос на тоа, тој вели:

„Изминатите 7-8 години, или барем откако СДСМ е на власт, јас немам никакво учество, активитет или улога во партијата. За волја на вистината, ниту некој побарал суштински совет од мене, ниту пак биле прифаќани моите јавно искажани, и секојпат добронамерни, совети и предлози за подобро функционирање на државата. Сиве овие години, моите ставови за општествените текови јавно ги искажувам преку моите колумни, писанија, јавни настапи и проекти коишто ги работам. За некои ставови сум бил жестоко критикуван, за некои тивко поддржуван. Така и во иднина, мојата активност и порив за подобро и праведно општество, за доосвојување на слободата и за враќање на изгубените или никогаш стекнатите вредности ќе се одвива во овие рамки. Се разбира, рамките се стеснуваат или шират во зависност од општествените и политички околности…“

Воедно, тој во статусот објавен на Фејсбук додаде дека одржува пријателски односи со голем број членови, симпатизери и поддржувачи на СДСМ, со кои, како што истакнува, во еден исклучително тежок период за Македонија се бореле за демократија и слобода.