Гондола падна во швајцарски скијачки центар, едно лице загина


Едно лице почина денес откако гондола падна поради силни ветрови на снежна падина во скијачки центар во Швајцарија.

Портпаролот на полицијата им рече на новинарите дека едно лице починало, но дека точната причина за смртта сè уште не е потврдена.

Починатиот, чиј идентитет не е објавен, бил сам во гондолата, соопшти полицијата.

Хеликоптер е испратен на местото на настанот во скијачкиот центар Енгелберг во централна Швајцарија, соопшти службата за воздушно спасување Рега.

Истрагата за причината за несреќата е во тек, соопшти кантоналната полиција Нидвалден.

Падот на жичарницата се случил околу 11 часот наутро, а операцијата за спасување била отежната од ветрови со брзина до 84 километри на час, објавија швајцарските медиуми.