Голема суша во Италија, реката По речиси пресуши


Високите температури предизвикаа суша ширум Италија, реките и резервоарите остануваат без вода, доведувајќи ги околината и стопанството во опасност.

Неколку италијански региони веќе прогласија вонредна состојба за да се обезбедат пари за борба против кризата со водоснабдувањето, а здруженијата на земјоделци предвидуваат силен пад на производството во клучни делови од земјата.

„Комбинацијата од најтешка суша во изминатите неколку години и температури кои пред крај на јуни достигнаа 40 степени Целзиусови, ја водат Италија во драматична еколошка и економска ситуација“, јави агенцијата АНБИ.

Реката По има најнизок водостој во последните 70 години

По, најдолгата река во Италија, која поминува низ големи региони на северот и обезбедува соодветни услови за речиси третина од италијанкото земјоделско производство, бележи најнизок водостој во последните 70 години.

„Нивото на водата по должина на текот на реката По и натаму е најниско откако се следат податоците“, наведуваат во АНБИ. „Во две недели количината вода е преполовена и се спушти на само нешто повеќе од 170 кубни метри во секунда“, истакнуваат.

За да се спречи продор на солена морска вода и штетата на земјоделските површини, протокот мора да изнесува 450 см по секунда“, додаваат.

Во големите езера на северот на Италија водата веќе се спушти под рекордно ниски нивоа или се близу таа точка, а силно паѓа и во природните резервоари во средишна Италија. Нивото на водата во Тибар е на најниско ниво во неколку години, а во Аниен протокот е преполовен.

Лацио ја ограничи потрошувачката на вода во некои општини

Лацио, минатата недела, прогласи вонредна состојба и ја ограничи потрошувачката на вода во некои општини. Граѓаните не смеат да ги полеваат градините ни да ги полнат базените.

Учесниците во проектот финансиран од Европската вселенска агенција објавија пред десетина дена дека температурата на морската вода на површината на Средозменото море е околу 4 степени Целзиусови над просекот во периодот од 1985 до 2005 година.

„Уште поважно е да се разбереме што точно се случува со климата бидејќи промените забележително влијаат на секојдневниот живот“, вели Џанмарија Санино, шеф на агенцијата за климатски модели ЕНЕА која учествува во проектот.

Ни прогнозите не носат утеха, бидејќи температурите следната недела треба да бидат 10 до 12 степени повисоки од обично за ова време од годината, а на Сардинија и на Сицилија треба да достигнат 44 степени Целзиусови, пренесе Ројтерс.