„Гласот на традицијата во детската душа“ концерт на детскиот хор „Крешендо“ од Тетово

Детскиот хор „Крешендо“ од Тетово вчера вечер одржа концерт насловен „Гласот на традицијата во детската душа“, односно хорска изведба на македонски народни песни. Ова е четврти концерт на хорот кој постои од март 2024 година, а го водат диригентките м-р Фотини Георгиадис Кировска и проф. Марија Пулковска Здравковска.
– Вечерва хорот се претстави со песни кои ја носат душата на нашиот народ. Песните што ги слушна публиката не се само мелодии туку и приказни за љубовта, радоста, борбата, тагата и за животот на луѓето кои ги создале. Со оваа вечер сакаме да го обновиме духот на традицијата и да ја споделиме убавината на нашето културно наследство. Децата од нашиот хор од срце ја однесе публиката на едно прекрасно патување, преку песни што се пеат со генерации, истакна диригентките.
На концертот како гости настапија играорци од КУД „Шара“ и естрадната уметница Сузана Гавазова.
– Чест ми е и задоволство што сум тука со овие прекрасни дечиња од хорот „Крешендо“. Прв пат ја пеам во живо заедничката песна за убавините на нашата Македонија. Да го поздравам и Јован Василески, кој ја напиша оваа песна, авторот е од Тетово. Се надевам дека ви се допадна како децата ја оживеаја. Поддржете ги децата во пеењето, кога пеат децата, пее иднината, истакна Сузана Гавазова.
Концертот се одржа во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово. Во март годинава, детскиот хор одбележа една година од формирањето и настапување. Во хорчето членуваат деца и ученици од шест до 15 години.