Ѓоковиќ: Ролан Гарос ми е најголемата цел, со мислите сум во Париз


Србија– Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ вчера на прес-конференцијата изјави дека целта му е да ја освои титулата на турнирот Србија опен што започна вчера во Белград.

Овој турнир ќе биде трет за Новак, по познатите проблеми со депортацијата од Австралија,  годинава, по Дубаи и Монте Карло.

Ѓоковиќ се уште е на врвот на АТП листата, а најголеми цели во наредниот период, како што вели, се титулите во Белград и Париз.

„Ролан Гарос е најголемата цел, со мислите сум во Париз и правам се за да дојдам најподготвен во Франција. Што се однесува до целите за оваа недела, сакам да одам што подалеку во Белград. Не би бил задоволен со четвртфинале, полуфинале, титулата е секогаш желба“, изјави Ѓоковиќ, пренесува Танјуг.

Тој додаде дека сака да игра на белградскиот земјен терен, што секогаш му давало стимул пред продолжението на сезоната.

„Овде сум играл многу пати, а за мене добрите сезони, особено онаа во 2011 година, дојдоа по овој турнир. Лани тоа беше случај пред Ролан Гарос, добив стимул после Белград. Се надевам на поддршка од трибините бидејќи тоа е нешто што на сите им дава ветер во грб“, изјави најдобриот тенисер на светот.

Турнирот на Ѓоковиќ на белградскиот земјен терен ќе биде само трет сезонава, по Дубаи и Монте Карло минатата недела, кога беше елиминиран во второто коло.

„Во Монако бев неподготвен и едноставно, пропуштам натпревари. Оваа подлога бара многу тренинзи“, изјави Ѓоковиќ.

Светскиот рекет број еден ќе стартува во второто коло на Србија опен.

„Во горниот дел од ждрепката се собра српска екипа. Во среда играм против Јере или Хамад. Тука е и Кецмановиќ кој играше многу добро во Америка. Секако, желбата на нашата јавност е српскиот играч да игра во финалето и се надевам дека барем некој од нас ќе стигне далеку, па нека победи подобриот“, изјави Новак.

Планирано е Ѓоковиќ во наредниот период да настапи на турнирите од Мастерс серијата 1.000 во Мадрид и Рим.

„Се зависи од тоа како ќе поминам во Белград и како ќе се чувствувам. Сигурно ќе донесеме одлука по Белград“, заклучи Ѓоковиќ.

Србија опен се игра до 24 април, а наградниот фонд на турнирот е 534.555 евра.