Германските социјалдемократи под голем притисок поради енергетските врски со Русија

Документи открија дека премиерката на Мекленбург-Западна Померанија, мануела Швезиг, одржувала тесни врски со „Гаспром“ и по американските санкции за гасоводот „Северен тек 2“


Мануела Швезиг е влијателен член на СПД на канцеларот Олаф Шолц

 

Германските владејачки социјалдемократи се соочуваат со нов притисок околу нивните врски со Москва по обвинувањата дека регионален лидер соработувал со енергетскиот гигант „Гаспром“ поддржан од Кремљ за да ги поткопа санкциите на САД и да шири руска пропаганда.

Обвиненијата се фокусираат на Мануела Швезиг, висок член на партијата СПД на канцеларот Олаф Шолц и премиерка на североисточната покраина Мекленбург-Западна Померанија. Државата беше крајната точка на гасоводот „Северен тек 2“ од Русија до Германија, долго време поддржуван од Берлин, но беше откажан пред да стапи во употреба кога Русија се подготвуваше да ја нападне Украина.

Политичкиот притисок врз Швезиг расте откако документите до кои дојде весникот „Велт“ покажаа дека нејзината влада тесно соработувала со компанијата „Северен тек 2 АГ“, филијала на „Гаспром“, додека се обидувала да го заврши проектот во услови на американски санкции. Документите покажаа дека фондацијата поддржана од компанијата и од регионалната влада, наводно наменета да ги брани еколошките каузи, била средство за заобиколување на мерките на САД.

Откритијата се последен удар врз угледот на централно-левичарската владејачка партија, која веќе е на удар поради блиските врски со руските енергетски интереси во последниве години, дури и откако владата на претседателот Владимир Путин поттикна војна во источна Украина и го анектираше Крим во 2014 година.

Политиката на евтин гас од Русија ја промовираше и долгогодишната конзервативна канцеларка Ангела Меркел. „Северен тек 2“ доби зелено светло во 2015 година од владата на „големата коалиција“ составена од нејзините демохристијани (ЦДУ) и СПД.

Но, политиката е силно поврзана со СПД – не само затоа што поранешниот канцелар на СПД Герхард Шредер стана водечки лобист на руските енергетски компании и зазеде високи позиции во нивните редови, вклучително и како претседател на акционерскиот комитет на „Северен тек 2“. Украинската влада, исто така, го издвои германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, клучен човек на СПД и поранешен министер за надворешни работи, во критиките за неговата улога во поттикнувањето блиски енергетски врски со Москва.

Швезиг, која долго време се сметаше за ѕвезда во подем во нејзината партија, беше уште еден висок поборник на „Северен тек 2“. Таа се извини на почетокот на овој месец за тој став, велејќи дека „држењето кон ‘Северен тек’ беше грешка“ – но тоа не ги задоволи критичарите. особено кога се појавија нови детали за степенот на соработката на нејзината влада со компанијата.

Опозициските пратеници во главниот град на државата, Шверин, повикаа на истражен комитет да го испита ова прашање, а националните политичари се приклучија во хорот на критики во последните денови.

„Преплетеноста меѓу владата на државата во Шверин и руската државна корпорација ‘Гаспром’ отсекогаш била катастрофална и сега мора конечно да се расчисти“, рече Омид Нурипур, изјави колидерот на Зелените, кои се дел од националната владејачка коалиција на Шолц за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„’Упс, ова сигурно беше грешка’ нема да биде доволно“, рече тој, мислејќи на извинувањето на Швезиг.

Совети за трикови

Документите до кои дојде „Велт“ очигледно покажаа дека високи функционери во владата на Швесиг добивале инструкции од „Северен тек 2 АГ“ за промени во нацрт-текстовите и за точките за разговор во медиумите. Тие, исто така, наводно покажуваат дека компанијата предложила „трикови“ за да ги заобиколи американските санкции, како што е користењето на еколошката фондација за ангажирање луѓе кои всушност би работеле на завршувањето на гасоводот.

Претходно оваа година, германскиот медиум „Т-Онлајн“ објави дека Швезиг одржала најмалку два состаноци со Шредер во последните години за кои нема официјални податоци.

Пратеникот на Зелените Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за европски прашања на Бундестагот, исто така остро ја критикуваше Швезиг, но повика на поширока истрага за политичките одлуки околу гасоводот.

„Фактот дека за изградбата на ‘Северен тек 2’ беше одлучено само една година по анексијата на Крим е скандал“, изјави Хофрајтер за „Политико“.

„Политиката на големата коалиција за Русија беше погрешна и мора да се справиме со неа“, продолжи Хофрајтер. „Ова ги вклучува и врските помеѓу државната влада во Шверин под Мануела Швезиг и руската државна компанија ‘Гаспром’. За ова сега е потребен истражен комитет [на државно ниво]“.

Зелените, либералните Слободни демократи и ЦДУ – кои се сите во опозиција во Мекленбург-Западна Померанија – имаат цел да започнат таков панел следниот месец.

Норберт Ретген, истакнат пратеник на ЦДУ во Бундестагот, во понеделникот дури и предложи Швезиг да поднесе оставка: „Ако фактите опишани неодамна во медиумите се вистинити, тогаш г-ѓа Швезиг не може да остане на функцијата; тоа е целосно исклучено“. изјави тој.

Канцеларијата на Швезиг не одговори на барањето за коментар. (Политико)