Германија: Шолц од СПД би сакал идната влада да биде со Зелените
Социјалдемократите водат во анкетите на 20 дена пред изборите, но ќе им бидат потребни две други партии за формирање влада
Претендентот на социјалдемократите за канцелар на Германија сака да се здружи со Зелените во следната федерална влада.
„Би сакал да владеам заедно со Зелените“, рече Олаф Шолц за берлинскиот весник „Тагесшпигел“.
Најверојатно ќе биде потребна трета партија за да се обезбеди мнозинство бидејќи во анкетите социјалдемократите имаат 25 проценти, а Зелените 17 проценти.
За формирање влада по федералните избори на 26 септември, двете партии најверојатно ќе треба да обезбедат поддршка од либералните Слободни демократи, кои имаат поддршка од 12 проценти, или евентуално екстремно левичарската Левица со 7 проценти.
Според агрегатните податоци од анкетите, конзервативните демохристијани се лизнаа на 21 процент.
Иако Шолц рече дека СПД и Зелените имаат „различни цели“, тој додаде дека има „многу преклопувања“ во одредени области на политиката.
Меѓу прашањата за кои се согласуваат СПД и Зелените се зголемувањето на националната минимална плата на 12 евра на час, зајакнување на обновливите извори на енергија и претворање на Германија во центар за развој на чисти возила.
Шолц рече дека секој договор за управување треба да вклучува обврски кон трансатлантскиот сојуз и членство во НАТО, потенцијални пречки за Левица.
Во интервју објавено во неделата, шефот на баварската Христијанско-социјална унија Маркус Зодер ги повика заболните конзервативци да ја зголемат реториката за можноста од левичарска влада, како дел од напорите за враќање на поддршката.
Во разговор за „Велт ам Зонтаг“, Зодер предупреди дека поразот за демохристијаните може да го отвори патот за левичарската влада во која ќе биде вклучена Левица, наследник на поранешните комунисти од Источна Германија.
„Мораме уште појасно да кажеме дека има само две опции: или лизгање налево со партијата Левица или со коалиција семафор“, рече Зедер. Коалиција семафор е името што е дадено на можна комбинација на социјалдемократите, Зелени и либералните слободни демократи, врз основа на боите на нивните партии.
И двете сценарија би довеле до „невработеност и долг“, според Зодер. „Ако Унијата не е во владата, партијата ќе се соочи со најтешките времиња“, предупреди Зодер.
Во меѓувреме, изгледите за победа на социјалдемократите во Германија го охрабруваат левиот центар на друго место во Европа. „Доколку дојде до промена во Германија, Шпанија и Германија би можеле да бидат мотори на нов прогресивен концепт, што, мислам, ќе се снајде многу добро во Европа“, рече шпанскиот премиер Педро Санчез, во интервју објавено во неделата во „Ел паис“.