Германија ќе продолжи да прима бегалци од Авганистан


Фото: Б.Грданоски

 Германија наскоро ќе ја укине повеќемесечната суспензија на приемот на ранливи авганистански граѓани, што вети дека ќе ја прими, објави денеска весникот „Велт“ (Welt) повикувајќи се на неименувани владини извори.

Околу 2.000 Авганистанци, на кои им беше одобрено преселување во Германија во рамките на програмата за луѓе во ризик под власта на талибанците, со месеци чекаат во Пакистан откако Берлин ја замрзна програмата, како дел од ветувањето за запирање на миграцискиот бран.

Групите за човекови права и десетици погодени Авганистанци судски ја оспорија суспензијата, а некои добија судски пресуди што дополнително го зголемија притисокот врз Берлин да дејствува.

Во меѓувреме, Пакистан најави дека до 1 септември ќе ги протера протерување на авганистански бегалци, вклучително и оние кои се дел од германската програма за преселување.

„Велт“ наведува дека авганистанските бегалци се информирани за продолжувањето на програмата.

– Германската Влада планира дискретно да ги премести авганистанските бегалци со редовни комерцијални летови со застанувања во Дубаи или Истанбул пред да пристигнат во Германија, а точниот број на лица на кои моментално им е одобрено заминување сè уште не е познат, објави весникот.

Германското Министерство за надворешни работи потврди дека продолжуваат процедурите за проверка и оти е испратен персонал во Пакистан за да продолжи со обработката на случаите.