Германија извезла воена опрема за Израел по почетокот на воената интервенција врз Иран
Германија во првите денови од нападот врз Иран одобрила извоз на оружје за Израел во вредност од 6,6 милиони евра.
Воените испораки биле реализирани во периодот од почетокот на американско-израелската воена кампања против Иран на 28 февруари, до 27 март.
Тоа е релативно мала испорака споредено со војната во Газа, кога по укинувањето на рестрикциите во ноември 2025 година Германија за четири месеци издаде извозни дозволи во вредност од 166,95 милиони евра. Тие дозволи не вклучуваа тешко оружје како тенкови или артилерија, туку „друга воена опрема“.
Извозот на оружје за Израел е чувствително прашање за германската Влада. По нападите на палестинското движење Хамас на 7 октомври 2023 година, Германија првично ја зголеми воената поддршка за Израел како израз на солидарност.
Со растечките критики за постапките на Израел во Газа, канцеларот Фридрих Мерц во август 2025 година нареди запирање на извозот на воена опрема што би можела да се користи во конфликтот.
Делумното ембарго предизвика критики во Израел и во редовите на германската владејачка конзервативна коалиција, но беше укинато по околу три и пол месеци откако беше постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.