Сите четири пратеници од Алтернатива ќе гласаат за недоверба на Владата, изјави  Африм Гаши на штотуку одржаната прес конференција. Според него, излез не се брзи предвремени избори.

-Имаше голема пречка за нас во однос на гласањето за недоверба на Владата, но Димитар Апасиев го повлече својот потпис од иницијативата за гласање недоверба на Владата и сега можем да потврдам дека четирите пратеници на Алтернатива утре ќе гласаме за недоверба на Владата, рече Гаши.

Ние мислиме во вакво време, во енергетска криза, во пандемија не би било добро во никој случај да се организираат брзи предвремени парламентарни избори, а многу сме блиску и до преговорите за ЕУ. Затоа мислиме дека брзо треба да се формира нова влада без разлика со кој состав, рече Гаши.

Тој одговори дека Алтернатива би прифатила да влезе во Влада која, како што вели, ќе го задржи евроатлантскиот курс и ќе работи на одржување на добрососедските односи.

-Изминатиот период бевме сведоци за пречките кои се појавија, во меѓувреме Апасиев ги повлече своите потписи и тргната е единствената пречка, вели Гаши.

За тоа каков ќе биде исходот утре ќе зависи од сите тие што се потпишале, што сакаат да гласаат.

-Можеби ќе има и други кои не се потпишале, а ќе гласаат, ќе видиме утре. До нас како Алтернатива е да стоиме заедно и да го слушаме гласот на народот и да одлучиме како што тие сакаат да гласаат, рече Гаши. 

Не сакајќи да зборува за следните фази, во случај да се изгласа недоверба на Владата утре, претседателот на Алтернатива истакна дека тие како партија ќе одлучат заедно врз кои принципи ќе преговараат со идниот мандатар и врз основа на тоа во партиските органи ќе одлучат заедно како ќе постапуваат во иднина.

-Но, да не прејудицираме. Битно е што ќе се случи утре. Утре е многу важен ден да видиме дали ќе успееме како опозициска партија, нормално, ние дека првпат сме пред овој предизвик ДУИ да оди во опозиција. Ние би сакале тоа да се случи. Добро е да се случи промена, граѓаните ја бараат особено во албанскиот дел 20 години нема промена. Но, Алтернатива може да направи толку колку што можат да направат четири пратеници, рече Гаши.