Викенд во Охрид (Галерија)


Македонија како да се откажа од заштитата на Охрид во листата на УНЕСКО (Фото: Б. Грданоски)

Охрид ова лето ја живее втората туристичка сезона во услови на пандемија и, како и другите познати центри во светот, се надева дека вирусот конечно ќе биде совладан и работите ќе бидат како некогаш.

Но, со короната и без неа, до Охрид и натаму се стигнува тешко – во најголемиот дел по лош магистрален пат и по недовршениот автопат кој сè повеќе го добива статусот „наречен желба“.

Годинава, во очи на главната туристичка сезона, властите решија конечно да се справат со платформите кои се закануваат да го загрозат статусот на градот и целото подрачје како културно светско наследство под закрила на УНЕСКО… За некои ова е премалку и предоцна, за други се непотребни зафати кои ќе ја доуништат и онака кревката туристичка сезона.

Како и да е, Охрид е во очекување на шпицот на сезоната.

На почетокот на месецот тука престојуваа многу познати државници од регионот, од Европа и пошироко од светот, на дводневниот Преспа форум дијалог. Покрај околу 300 учесници на форумот, имаше и многу новинари од земјите во регионот. Тоа беше добра можност да се напише нешто не само за проблемите што ги мачат земјите од Западен Балкан, особено за нивниот пат кон ЕУ, туку и за Охрид како непроценливо светско културно наследство, за автентичниот амбиент, за добрата храна, за забавите на кои младите многу не водат сметка за она што го носи пандемијата…

Кога точно ќе биде готов автопатот Кичево – Охрид веројатно никој со сигурност не може да каже, иако е видливо дека на повеќе делови градежните работи се интензивирани. Тоа сигурно го нарушува впечатокот на оние кои прв пат патуваат кон „бисерот на Балканот“, а не помалку таквото чувство го споделуваат и кога влегуваат во градот, како да се во некоја провинциска паланка, а не во најголемиот туристички центар во земјава.

Чувството е сосема поинакво кога ќе се стапне во стариот дел од градот. Не само дење, туку и навечер, кога илуминацијата на Света Софија, Св. Јован Канео, Куќата на Робевци и многуте други надалеку познати објекти ќе ги прикаже во една поинаква димензија.

„Волшебно е“ , се слуша дел од разговорот на странци кои и годинава ги има во Охрид, иако, поради околностите, ни оддалеку како пред пандемијата.

Кајчињата и нивните сопственици трпеливо чекаат некои од гостите да посакаат да го доживеат градот со поглед од езерото. И тие се жалат. Велат дека не е како некогаш, но веруваат дека кога-тогаш работите ќе се подобрат. Само што до тогаш некако ќе треба да се преживее.

Смирувањето на пандемијата и најавата за повеќе културни настани во рамки на Охридско лето, како и други веќе закажни рок концерти и фестивали, можат да ја сменат сликата. Доколку новите варијанти на вирусот повторно не ја расипат „забавата“.

Охрид не е само центар на културата и на автентичната архитектура. Овој град е и царство на гастрономијата. Многуте кафеани во градот и надвор од него нудат изобилство на вкусови и јадења – од локални специјалитети, до разни светски кујни.

Ги има многу – почнувајќи од оние во стариот дел на градот околу Света Софија, потоа кај чинарот и натаму кон Воска, каде што доминира Ориентот… Одлична храна има и надвор од градот во автентичен амбиент. Еден од најавтентичните е во селото Трпејца, охридскиот Сан Тропе како што некои милуваат да го нарекуват ова некогаш рибарско село, а сега омилена туристичка дестинација. Тешко дека некој може да оддолее на специјалитетите во „Рибар“, на самиот брег од езерото, со прекрасен поглед и уште поубавите зајдисонца.

„Требаше да го видите зајдисонцето кога денот беше најдолг и кога сонцето заоѓаше во правец кон Струга“, вели еден од домаќините послужувајќи не со комбинација од тиквички, црни патлиџани, надалеку познатото макало и се разбира превкусна риба.

Неизоставни се и дебатите што е повкусно – пастрмката, белвицата, јагулата како и во кој период од годината е онаа вистинската…

На другата страна на градот, на излезот кон Ресен и понатаму кон Битола, сликата е поинаква.

Деновиве на овој потег речиси пред секоја куќа покрај патот стојат импровизирани масички со чинии или гајби полни со цреши. Доминираат црвените, но ги има и оние белите, или што „влечат“ накај медова боја. Небаре се на некој натпревар или продажна изложба.

Некои се оставени самите, како украс пред дворовите на куќите, но покрај повеќето се седнати домаќините, трпеливо чекајки некој автомобил да застане и да купи од надалеку познатите охридски цреши.

„Најубавите цреши се во Лескоец“, ни велат љубезните домаќини во една од компаниите во охридската индустриска зона. Но, за не останат засегнати и другите, треба да се додаде дека и Велгошти, Орман, Лакочерај, Волино, Мешеишта и Требеништа се познати локалитети за охридската цреша.

„Колку се потемни и поголеми, помеснати, толку се повкусни“, ни вели охриѓанка, како одговор на нашето прашање како да ги откриеме оние вистинските, највкусните. Потоа, се е полесно, освен можеби да се најде соодветно место каде да се застане покрај патот по кој „фрчат“ автомобили.

И покрај бројните предизвици што ги има и со кои што се соочува, Охрид сепак е еден и единствен, не само поради амбиентот, храната и забавата, туку и поради можностите за спортување, рекреација, едрење, планинарење, велосипедизам…

Благодарејќи на инвестициите сè повеќе привлекува и млади луѓе од другите градови во земјава. Веќе не невообичаено дипломирани електро или машински инженери, наместо во Скопје, иднината да ја бараат во Охрид.

Денот полека изминува, сонцето веќе е зад планините на албанската страна на езерото, патот води назад кон Скопје, по истиот недовршен пат. Охрид останува зад нас со своите проблеми, како оној ќе остане ли без статусот светско културно наследство. Тоа може и да се случи, вели по малку цинично еден од луѓето со кои разменуваме по некој збор. Но, никој не може да го одземе приматот дека е престолнина на најдобрата пастрмка и највкусната цреша.

(М.Ј. – Фото: Борис Грданоски)