Габард укина овластувања на 37 разузнавачи во САД зошто тврделе дека имало руско мешање во изборите


Директорката на Националната разузнавачка служба на САД, Тулси Габард, соопшти дека им се одземени безбедносните овластувања на 37 сегашни и поранешни разузнавачи, кои ги обвини за политизирање и манипулирање со разузнавачките податоци.

Габард наведе дека потегот е преземен по барање на претседателот Доналд Трамп. Таа претходно тврдеше дека разузнавачката заедница е политизирана, а Министерството за правда веќе формира работна група за да ги испита нејзините обвинувања.

Трамп неодамна ја поддржа нејзината закана дека ќе пријави високи функционери од администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама за кривично гонење поради проценката за руско мешање во изборите во 2016 година.

Републиканецот Трамп без докази го обвини Обама дека предводел обид за лажно поврзување со Русија и за поткопување на неговата кампања. Портпарол на Обама одговори дека обвинувањата се „смешни и очаен обид за одвлекување на вниманието“.

Габард тврди дека во 2016 имало „предавничка завера“ на високи функционери за поткопување на Трамп, но демократите ги отфрлаат тврдењата како политички мотивирани.

Американската разузнавачка проценка од јануари 2017 заклучи дека Русија користела дезинформации, хакерски напади и ботови за да ја поткопа кампањата на Хилари Клинтон и да му помогне на Трамп. Сепак, проценката наведува дека влијанието било ограничено и нема докази дека исходот на изборите бил променет. Москва ги негира сите обвинувања.