Француското обвинителство бара четири години условна казна за поранешниот премиер Франсоа Фијон

Француското обвинителство вчера побара условна казна затвор од четири години за поранешниот премиер Франсоа Фијон, поради фиктивното вработување на неговата сопруга Пенелоп, јавија денеска локални медиуми.
Обвинителот побара и парична казна од 375.000 евра, како и забрана за политичка активност во траење од 10 години за поранешниот кандидат на претседателските избори во 2017 година.
Судењето продолжи во попладневните часови со излагање на одбраната, а судската одлука се очекува подоцна.
Седумдесет и едногодишниот Фијон веќе беше прогласен за виновен во април 2024 година за проневера на јавни средства, но Апелацискиот суд нареди повторно судење, посветено исклучиво на одредување на казната. Случајот, кој предизвика многу јавни дебати, доведе до повлекување на Фијон од претседателската трка во 2017 година.
Пред Апелациониот суд во Париз, Фијон изјави дека казната за забрана за политичко дејствување претставува „морална рана“, иако нема намера да се врати во политиката.
„Никој не може да ме убеди дека не бев третирани на посебен начин“, рече Фијон во судот, додавајќи дека можеби тоа е поради неговата кандидатура за претседател.
На 9 мај 2022 година Апелациониот суд во Париз го осуди Фијон на четири години затвор, од кои три условно, со глоба од 375.000 евра и 10-годишна забрана за политичко дејствување. Тој беше осуден и за проневера на социјални фондови и примање украдени средства.
Неговата сопруга Пенелоп Фијон доби условна казна од две години и парична казна во ист износ, додека неговиот поранешен заменик Марк Жуло беше осуден на три години условно и забрана за учество на избори во траење од две и пол години.
Тројцата се должни да му вратат на Националното собрание околу 800.000 евра како отштета.
Иако жалбите на Пенелоп Фијон и Жуло беа отфрлени, Апелацискиот суд оцени дека дел од казната против Франсоа Фијон не била доволно образложена, поради што е потребно ново судско рочиште.