Фон дер Лајен: Ниту еден илегален мигрант кој влезе во Сеута не стигна до европското копно


Шпански војници го контролираат враќањето на мигрантите на мароканска територија (Фото: АФП)

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека благодарение на ефикасната работа на полициите на Шпанија и Мароко, мнозинството од мигрантите кои илегално влегоа во северноафриканската шпанска ексклава Сеута се вратени назад во Мароко и дека ниту еден од нив не стигнал до европското копно, самата Шпанија која се наоѓа на другата страна од Гибралтарскиот Проток, ниту до другите земји од Европската Унија.

Фон дер Лајен на X напиша дека разговарала со комесарите за миграција Магнус Брунер и за Медитеранот Дубравка Шуица за ситуацијата во малата шпанска ексклава каде што од четвртокот влегоа десетици илјади мигранти.

– Добрата вест е што огромното мнозинство од оние кои пристигнаа илегално се вратија во Мароко, благодарение на ефикасната работа на шпанската и мароканската полиција. Ниту едно лице не стигна до континенталниот дел на Шпанија, ниту на друго место во ЕУ – напиша фон дер Лајен.

Таа истакна дека ова покажува зошто е важна контролата на европските граници и нагласи дека ЕУ има силен систем, но тој треба уште повеќе да се зајакне.

– Мораме да останеме будни на секоја критична влезна точка и да одржуваме блиска координација меѓу сите власти, како и да учиме од настаните за да се подобри европската отпорност – рече таа.

Фон дер Лајен информира дека добила писма од неколку лидери на ЕУ и дека го поздравува повикот за вонредна видеоконференција на која ќе се разгледа ситуацијата.

– Борбата против илегалната миграција бара солидарност и единствен европски одговор – рече фон дер Лајен.

Таа исто така наведе дека Европската комисија ѝ понудила поддршка на Шпанија „уште од првиот момент“.

Дваесет и двајца лидери на земјите членки на ЕУ испратија писмо до европските институции во кое бараат координиран одговор за заштита на надворешните граници на блокот и итен состанок по повод влезот на 60.000 мигранти во шпанската ексклава Сеута во Северна Африка.