Флорида планира укинување на сите задолжителни вакцини, вклучувајќи ги и училишните

Флорида планира да ги укине сите државни задолжителни вакцини, вклучувајќи ги и оние кои се услов за учениците да посетуваат училишта, најави синоќа државниот здравствен инспектор Џозеф Ладапо. Одлуката, според експерти за јавно здравје, може да предизвика сериозни епидемии меѓу деца, туристи и лица со нарушен имунолошки систем.
Ладапо, заедно со гувернерот на Флорида Рон Десантис, ја претстави вакцинацијата како прашање на лична одлука и индивидуална слобода.
-Секоја една од нив е погрешна и полна со презир и ропство. Кој сум јас како влада или како човек што стои овде да ви кажувам што да правите со вашето тело – изјави Ладапо на прес-конференција во Тампа.
Тој најави дека неговата агенција ќе ги укине задолжителните за околу половина дузина вакцини под нејзина надлежност, но ќе биде потребна соработка со доминираното од републиканци законодавно собрание за поширок пакет реформи. Не прецизираше кои вакцини ќе бидат укинати од страна на неговата институција.
Десантис, исто така, ја истакна важноста на „медицинската слобода“, потенцирајќи дека противењето на задолжителните мерки за ковид-19 беше централна точка во неговиот прв мандат како гувернер.
– Медицинската слобода е нешто што мораме да го заштитиме со голема совесност – рече тој.
Во моментов, сите американски сојузни држави имаат задолжителни вакцини како услов за посетување јавни училишта, иако исклучоците варираат од држава до држава.
Податоците на американските Центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) покажуваат дека стапките на вакцинација за неколку болести, меѓу кои морбили, дифтерија и полио, се намалиле кај првачињата во учебната 2024/25 година. Новите бројки беа објавени во јули, во време кога беше регистрирана најголемата епидемија на морбили од 2000 година, кога болеста беше прогласена за искоренета во САД.
Претседателката на Здружението за инфективни болести на САД, д-р Тина Тан, предупреди дека ваквиот потег на Флорида ќе биде „голема катастрофа“. – Ќе имаме повеќекратни епидемии на болести кои можат да се спречат со вакцини и нивно ширење. Овие деца ќе ги донесат болестите дома, изјави таа.
Експертот за заразни болести д-р Мајкл Остерхолм од Универзитетот во Минесота ја оцени мерката како „неодговорна“.
– Секој родител на дете кое ќе почине или ќе биде хоспитализирано поради болест што може да се спречи со вакцина ќе знае зошто се случило тоа – изјави тој.
Остерхолм е еден од организаторите на новата група „Проект за интегритет на вакцините“, составена од експерти за јавно здравје и заразни болести кои се загрижени за промените во американската политика за вакцинација.
Мерката на Флорида истовремено се совпаѓа со пошироките промени во федералната здравствена политика под водство на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот. Тој одамна ја доведува во прашање безбедноста на вакцините и промовира став дека вакцините придонесуваат за пораст на аутизмот, иако тоа е спротивно на научните докази.
Откако ја презеде функцијата оваа година, Кенеди започна со промена на американската политика за вакцинирање, разрешувајќи ги експертите советници за вакцини при ЦДЦ и заменувајќи ги со лица кои повеќе ги споделуваат неговите ставови. Минатата недела беше разрешена и директорката на ЦДЦ поради несогласувања со Кенеди, што предизвика оставка на четворица високи функционери кои соопштија дека повеќе не можат да го гарантираат научниот интегритет на агенцијата.
Акциите на производителите на ковид-вакцини забележаа пад по најавата: „Фајзер“ изгуби 0,9 отсто, а „Модерна“ 1,4 отсто од вредноста.
Ладапо, кој претходно беше критичар на mRNA ковид-вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, во 2023 година побара од регулаторните тела да ги проучат нивните наводни штетни ефекти, без да достави научни докази.
Според едно истражување објавено во списанието „The Lancet Infectious Diseases“, ковид-вакцините спасија околу 14,4 милиони животи на глобално ниво во првата година од нивната употреба.
Ладапо, исто така, ги повика заедниците во Флорида да престанат со додавање флуор во водата за пиење.
За време на пандемијата на Ковид, Ладапо бeше советуван од Трејси Бет Хоег, лекарка по спортска медицина која работела за него како епидемиолог. Хоег се спротивставуваше на носењето маски и универзалните задолжителни мерки за време на пандемијата и употребата на некои вакцини за деца. Таа сега е вработена во Администрацијата за храна и лекови на САД.
Името на Ладапо се споменуваше и како можен кандидат за директор на ЦДЦ пред Белата куќа да ја номинира Сузан Монарез за таа функција. Вчера, Десантис повторно предложи дека Ладапо би бил „одличен избор“ за таа позиција.
Демократскиот кандидат за гувернер на Флорида, Дејвид Џоли, остро го критикуваше Ладапо на платформата Икс. „Следниот гувернер ќе може да го разреши овој човек. Јас знам дека би го направил тоа,“ напиша тој.
Податоците на ЦДЦ покажуваат дека околу 5,1 отсто од децата во прво одделение во Флорида во учебната 2024/25 година биле изземени од една или повеќе вакцини – што претставува околу 11.287 ученици. Во апсолутни бројки, Флорида е на второ место во САД по број на деца изземени од вакцинација, веднаш по Тексас.
Паралелно, Калифорнија, Орегон и Вашингтон соопштија дека формираат нов сојуз за јавно здравје со цел да даваат заеднички препораки за вакцинација, независно од федералните директиви, но во согласност со ставовите на водечките медицински здруженија.