Финскиот премиер предупреди: Русија претставува закана за цела Европа


Брисел – Европската Унија треба да преземе досега невидени овластувања за да се одбрани од сè поизразените закани од Русија, изјави финскиот премиер Петери Орпо во интервју за „Политико“ пред Самитот на лидерите на ЕУ во Копенхаген.

Тој нагласи дека Унијата мора да делува како „вистинска заедница“ во спротивставувањето на непријателските држави. – Потребни ни се заеднички капацитети на ЕУ – затоа е неопходно европско финансирање и соработка во рамките на Унијата, рече Орпо. – Покажавме солидарност во последните две децении – за време на пандемијата, во економијата, миграциите. Сега е време да покажеме солидарност во безбедноста, посочи тој.

Орпо потсети дека земјите на источниот фронт, како Финска, одамна повикуваат на зголемување на одбранбените трошоци. Тој посочи дека источната граница е „заедничка граница“ и дека никој не е безбеден од тактиките на Москва, наведувајќи ги неодамнешните инциденти со дронови кои ги приземјија авионите на аеродромот во Копенхаген.

– Овие инциденти се напади врз цела Европа, предупреди тој. – Кој е следен? Данска не е погранична земја, а сепак видовме што се случи, истакна премиерот на Финска.

На Самитот ќе се разгледува зајакнување на заедничките одбранбени способности и создавање „ѕид против дронови“, што би носело нови финансиски обврски за ЕУ. Орпо прецизира дека тоа не значи потиснување на НАТО. -Веруваме во НАТО. Но ЕУ може да направи повеќе – да ја зајакне воената индустрија и капацитетите во Европа. Без тоа, нашата одбрана не може да биде посилна, оцени тој.

Самитот во Копенхаген, прв по јуни и во организација на Данска како претседавач со Советот на ЕУ, се одржува во време на зголемени тензии. – Нема знаци дека (рускиот претседател Владимир) Путин ќе се смири. Јас сум многу загрижен. Сега е време за акција, заклучи Орпо.