Finance Think бара радикално кратење на непродуктивните трошоци

За сега е познато дека ќе се скратат не повеќе од 78 милиони евра од Буџетот и дека третиот пакет мерки ќе изнесува околу 200 милиони евра, во вид на директна помош за граѓаните и за таргетирани стопански сектори. За кратење на платите на администрацијата нема консензус.

Ребалансот на Буџетот што Владата го усвои на 15-ти овој месец за „Finance Think“ е очекуван, но донесен со значајно задоцнување, во контекст на потребата тој да ја демонстрира посветеноста на Владата кон кратење на сите неподуктивни трошења и трошења што изгубија приоритет во контекст на кризната состојба.

Во објавениот коментар денеска „Finance Think“ истакнува дека ревидираната проекција за пад на економијата од 3,4 отсто е коректна, но оваа стапка е со понатамошни надолни ризици, што може да се
рефлектира негативно и врз приходната страна на буџетот во третиот и четвртиот квартал,  со тоа да предизвика потреба од втор ребаланс.

„Finance Think“ посочува дека падот на даночните приходи е резултат на намалената економска активност, но оти истовремено, ризикот од пораст на даночната евазија е нагласен. Оттука, според нив, неопходно е во следниот период фокусот да се стави врз засилена контрола и санкционирање на даночната евазија.

За буџетскиот дефицит сметаат дека е очекуван и е директен резултат на негативните последици врз економијата од појавата на Ковид-19.

– Тоа наметнува и потреба за изготвување оптимален план за негово финансирање во тековната година, но и редизајнирање на планот за среднорочно финансирање на јавниот долг. Неминовно, задоволувањето на оваа голема потреба од финансирање ќе ја наметне и потребата да се дискутира за ревидирање на даночни стапки по стивнувањето на првиот удар на кризата, наведуваат оттаму.

За расходите наменети за Ковид-19, сметаат дека се коректно димензионирани, кратењето на вкупните расходи е недоволно, а приоритизацијата во намалувањето на трошењата во зависност од нивното развојно значење не е рефлектирана во ребалансот на буџетот. Напротив, очигледниот напор да не се
скратат ставки на тековни трошења, од кои дел се сметаат за непродуктивни, може да се толкува како предизборен.

Посочуваат дека, имајќи ја предвид кризната состојба, кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, не само за да осигура фискален простор за финансирање на мерките сврзани со Ковид-19, туку и да испрати јасен сигнал кон економските агенти дека државата води посветена и конзистентна фискална политика во услови на криза.

„Finance Think“ очекуваат дека заради рестриктивни мерки и новонастанатата кризна состојба, активностите за реализација на дел од капиталните расходи да забават.