Враќањето на ДДВ за дизел-горивата на 18 проценти дополнително ќе ги погоди граѓаните, вели Филипче
Граѓаните скапо ги плаќаат бајките и неспособноста на премиерот Христијан Мицкоски, а последиците се чувствуваат со празни џебови и празни фрижидери, оцени денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче на прес-конференција, посочувајќи дека СДСМ уште пред два месеца предупредувала и барала конкретни мерки, веднаш по почетокот на кризата на Блискиот Исток. Како особено проблематично го посочи враќањето на ДДВ за дизел-горивата на 18 проценти, оценувајќи дека станува збор за укинување на социјална мерка што дополнително ќе ги погоди граѓаните.
– Граѓаните денес живеат во економија што тоне, со тежок секојдневен живот, со цени во продавниците кои пораснаа без контрола, со најнизок животен стандард во Европа и со млади кои заминуваат од земјата – рече Филипче.
Тој потсети дека СДСМ уште на почетокот на кризата предложила пакет мерки кои опфаќале намалување на ДДВ за горивата на пет проценти, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, како и намалување на акцизите за четири денари.
– Со ваков пакет мерки граѓаните реално ќе имаа бенефит, тоа ќе се почувствуваше на семејните буџети, а ќе се спречеше и спиралата на поскапување на другите производи поврзани со цените на енергијата – нагласи Филипче.
Според него, Владата и нејзините коалициски партнери ги одбиле сите предлог-закони на СДСМ, а дел од мерките што подоцна биле воведени, како што рече, биле половични и сега се укинуваат. Филипче оцени дека тоа се случува предоцна, во услови кога цените на речиси сите производи се високи.
Во обраќањето, лидерот на СДСМ направи споредба со другите европски земји, наведувајќи дека тие, за разлика од Македонија, преземаат мерки за заштита на граѓаните, за намалување на инфлацијата и растот на цените на енергијата.
Како аргументи за своите оценки, тој посочи дека странските инвестиции се намалени за 60 проценти, дека се затвораат и домашни и странски компании и дека, според неговите податоци, во последната година и пол без работа останале околу 1.500 лица. Дополнително, рече дека расте буџетскиот дефицит и дека државата должи околу 160 милиони евра за поврат на ДДВ кон компаниите.
Филипче нагласи дека цените на основните прехранбени производи – леб, масло, шеќер, сол, месо, млечни производи, овошје и зеленчук значително пораснале, во некои случаи од пет до 300 проценти, што, според него, доведува до постојано влошување на животниот стандард.
Во политичкиот дел од обраќањето, Филипче оцени дека премиерот Мицкоски покажува однесување кое, како што рече, не е карактеристично за демократска земја, обвинувајќи го за навреди, притисоци и отворени закани кон опозицијата.
– Ова што се случува не е демократија, туку класична автократија. Македонија денес не е европска држава – рече Филипче, додавајќи дека СДСМ нема да отстапи пред, како што ги нарече, заканите и притисоците.
Тој порача дека, според него, ерата на популизмот и лажните ветувања завршува и дека граѓаните ќе донесат промени на следните избори.