Филипче: Ќе го номинирам Герасимовски за нов потпретседател на СДСМ


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче преку социјалните мрежи извести дека ќе го номинира градоначалникот на Општина Центар, во два мандати, Горан Герасимовски за нов потпретседател на СДСМ.

„Горан е човек кој со силна, посветена и одговорна работа ја заслужи довербата на граѓаните на општина Центар. Победата и освоениот втор мандат како градоначалник се најдобра потврда дека резултатите, блискоста со луѓето и искрената работа секогаш се препознаваат.

Убеден сум дека Горан, со своето искуство, работа и искрена желба, ќе внесе нов импулс, ќе ги обедини сите наши капацитети против криминалната власт и ќе даде придонес во градењето на уште посилен СДСМ“, напиша Филипче.

Во моментот, СДСМ има двајца потпретседатели Јованка Тренчевска, пратеник, поранешна министерка за труд и социјална политика и Александар Трајановски, кандидатот за градоначалник на Аеродром.

Според Статутот на партијата може да се изберат двајца до четворица потпретседатели.