Филипче: Банкротот тропа на врата, за две години Владата ја задолжи државата за нови 2,3 милијарди евра
Буџетот е во сериозна криза. Дефицитот сега е 408 милиони евра. За само три месеци тој е 63 отсто од вкупно планираниот дефицит за цела година, рече Филипче
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека за две години владеење на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, држава се задолжила за нови 2,3 милијарди евра. На прес-конференцијата во седиштето на партијата Филипче остро ја нападна Владата и премиерот Христијан Мицкоски дека водат „дилетантска“ политика која ги осиромашува граѓаните, како и дека забрзува инфлацијата и не се преземаат мерки за зачувување на стандардот на граѓаните. Но и дека за само три месеци од годинава е потрошен поголемиот дел од буџетскиот дефицит за годинава, што укажува дека државата ќе треба дополнително да се задолжува. Според Филипче, актуелната Влада не само што не го намалила јавниот долг на државата, туку и значајно го зголемила.
„Лагата дека Владата се задолжила само за да враќа стари долгови е демонтирана со најновиот податок од Министерството за финансии, вистината е дека само за овие две години расипничко владеење, Мицкоски акумулирал нов долг од цели 2,3 милијарди евра“, нагласи Филипче.
Тој посочи дека според официјалните податоци само во првиот квартал Мицкоски има креирано екстра нов долг од 700 милиони евра.
„Според официјален податок од 30.04.2026 година на Министерството за финансии, покажува дека само во првиот квартал Мицкоски има креирано екстра нов долг од 700 милиони евра. На крајот на март, вкупниот долг изнесува 10,7 милијарди евра. Лагата дека оваа влада се задолжила само за да враќа стари долгови е практично демонтирана со овој податок. Бидејќи ако е тоа така, односно ако се задолжуваат само за да враќа стари долгови, тогаш вкупниот јавен долг би се намалил или би останал ист“, рече Филипче.
Тој додаде дека во изминатите две години, владата на ВМРО, според нето пресметките, има создадено значителен нов долг.
„Вистината е дека само за овие две години расипничко владеење, јавниот долг во нето износ или по враќањето на доспеаните стари кредити, Мицкоски акумулирал нов долг од цели 2 милијарди и 300 милиони евра. Тој го почна мандатот со наследен долг од 8,4 милијарди евра, а на крајот на март тоа е 10,7 милијарди евра. Значи, Христијан Мицкоски, како премиер, го зголемил долгот за 26 отсто за само две години владеење“, рече Филипче.
Притоа, тој предупреди дека со вакво темпо на задолжување и менаџирање на централниот буџет, ризиците се зголемуваат и банкротот е сè пореален.
„Министерката за финансии која предвидува крах на европските економии, треба да му соопшти на својот шеф дека банкротот тропа на нашата врата. Лажната бројка дека овој долг е под 60 отсто од БДП, тоа е некаков замислен бруто-домашен производ, е само манипулација. Сите тие кои што се во оваа сфера, професионалци и експерти оперираат со процент од 63 отсто. И што е пострашно, во овој долг, досега не влегуваат новите кредити од речиси 200 милиони евра за ЈПДП и за ЕЛЕМ“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ се осврна и на инфлацијата за која што рече дека забрзува, односно дека во март беше 4,9 отсто, што е значајно повисоко од еврозоната, каде што е 3% во април 2026 година. „Сè е поскапено, буквално сè, а граѓаните се сè посиромашни“, рече Филипче.
Тој посочи дека животниот стандард на граѓаните се влошува, граѓаните тонат во сиромаштија, а во земјата се случува сериозна економска криза.
„Со Мицкоски се случува буквално економска катастрофа. Економијата оди надолу, сиромаштијата расте, работните места исчезнуваат и инфлацијата силно забрзува. Според последните индикатори на Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија во првата година од владата на ВМРО е 21,9%. Толкав е процентот на граѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата. Значи, секој петти граѓанин во државата“, рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, премиерот Мицкоски го менаџира централниот буџет како „купи ден – продај“, без стратегија и план, што остава сериозни последици врз граѓаните и економијата.
„Се задолжува без стратегија, без план и без никаква грижа колкава сума на пари утре ќе враќаат сите граѓани. Што е важно, важно е само да има пари за нивните криминални тендери“, рече Филипче.
Тој истакна дека во услови на вакво несериозно менаџирање со буџетот, дефицитот е продлабочен, реализцијата на приходите потфрлува.
„Буџетот е во сериозна криза. Дефицитот веќе достигна 408 милиони евра. За само три месеци се реализираа дури и 63 отсто од вкупно планираниот дефицит за цела година. Приходната страна е со едвај нешто околу 20 проценти реализација. И оваа буџетска дупка значи само едно, а тоа е нови задолжувања“, рече Филипче.
Филипче додаде дека додека власта се задолжува, нема конкретни мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните и поддршка за ранливите категории на граѓани.
„За граѓаните нема пари од 600 евра минимална плата, нема пари за мерки против поскапувањата, нема пари за ранливите категории на граѓани, нема никакви субвенции ниту за земјоделците. Каква трета економија во Европа, каква некаква одлична кондиција на буџетот, нема пари за ништо. Луѓето живеат сè потешко, економијата се распаѓа“, рече Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче укажа дека во индустријата која е столб на економијата се губат работните места, а странските инвеститори веќе немаат интерес за инвестиции во Македонија поради промашените политики на власта.
„Според Државниот завод за статистика само за една година бројот на вработени е намален за 2,8% или во апсолутна бројка изгубени се околу 4.000 работни места. Односно во март 2026 година е намален бројот на работници во индустријата споредено со март 2025 година. За 60% е намалено нивото на странски инвестиции во државава, поради недовербата во владата, нереализираните реформи и секако влошената деловна клима“ , рече Филипче.
Според Филипче, власта не ги заштити граѓаните, ги остави сами во криза. „Премиерот одбива да воведе било какви мерки за која било категорија на граѓани, ранливи категории, пензионери, студенти, земјоделци. Истовремено одбива да ја зголеми минималната плата. Сè е поскапено буквално сè, а граѓаните се сè посиромашни“, рече Филипче.
Тој посочи на фактот дека од денес повторно поскапеа горивата, иако Мицкоски, ветуваше дека тоа нема да се случи. И тоа значи уште еден нов удар врз стандардот и ново покачување на цените.
„Премиерот и неговата влада сè уште одбиваат да ги прифатат нашите предлог мерки, да се укине ДДВ-то на храната, со тоа храната којашто значајно поскапе може да поевтини. Да се намали ДДВ-то на горивата дополнително на пет проценти. Тие тоа не го направија, напротив, и одбиваат да ги преполоват цените на патарините, со што значајно ќе им се олесни животот, функционирањето, патувањето на граѓаните“, рече Филипче.