Фицо „легна на брашно“, сега ќе ја поддржува Украина


Премиерите на Украина и на Словачка денес потпишаа заедничка изјава за зајакнување на билатералните односи  засновани на взаемна доверба и почит. Документот беше ратификуван по средбата на шефот на украинската влада, Денис Шмихал, со  премиерот Роберт Фицо, што се одржа во Ужхород.

Како што објави Денис Шмихал, оваа изјава ја потврди подготвеноста за понатамошна соработка насочена кон почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. Дополнително, во документот се истакнува цврстата и доследна поддршка на Република Словачка за европската интеграција на Украина.

Премиерите, исто така, ја изразија својата поддршка за формулата за мир на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и ја истакнаа важноста од учеството на Словачка во обновата на Украина и назначувањето на вицепремиерот на Република Словачка за одговорен за оваа насока.

Денис Шмихал истакна дека во потпишаната изјава се зборува за важноста на учеството на Словачка во хуманитарното деминирање на Украина, како и заедничките напори за обезбедување глобална безбедност на храната и зголемување на транзитниот потенцијал за извоз на украински земјоделски производи.Посебна точка ја нагласува важноста од развивање воено-техничка соработка на комерцијална основа меѓу двете држави.