ФБИ формира национален команден пункт за следење на заканите по безбедноста на изборите
Вашингтон – ФБИ ги засили безбедносните напори пред денот на изборите. Агенцијата вчера соопшти дека работи 24 часа на националниот изборен команден пункт кој ќе работи најмалку до 9 ноември.
– Целта на командното место е да се осигура дека ФБИ е добро позициониран за да одговори на заканите што би дошле или информациите што би дошле и би влијаеле на нашата изборна безбедност, изјави Џејмс Барнакл, заменик-помошник директор на одделот за криминалистичката истрага на ФБИ.
Барнакл рече дека тие закани вклучуваат закани за изборните работници, странско влијание и кибер закани. Ова не се први избори на кои ФБИ управува со национално командно место, но Барнакл рече дека овогодишниот команден центар е малку „поробусен“ отколку што бил во минатото.
– Повеќе партнерски агенции се тука, и го поставивме командното место порано, рече Барнакл.
Националниот команден пункт лоциран во седиштето на ФБИ во Вашингтон, ќе работи со теренските канцеларии на ФБИ низ целата земја за споделување информации за потенцијалните закани за безбедноста на изборите. Барнакл рече дека агенцијата досега регистрирала операции на странско малигно влијание, како и обиди за кибер напади.
– Постојано гледаме кибер случаи каде што противниците се обидуваат да ги погодат секретаријатите на државите или државните влади или локалните власти и да предизвикаат проблеми со нивната инфраструктура, рече Барнакл.
ФБИ бара од луѓето да пријават какви било закани за насилство или криминални активности до државните и локалните изборни претставници, како и до органите на редот.