„Фајненшл тајмс“: Европските банки го обновуваат тргувањето со руски обврзници
Неколку големи европски банки одлучија да го следат примерот на Волстрит дозволувајќи им на клиентите повторно да тргуваат со руски државни обврзници, објави Фајненшл тајмс (ФТ), повикувајќи се на добро информирани извори.
Швајцарската UBS, британската Barclays и германската Deutsche Bank повторно им дозволуваат на клиентите да ги продаваат своите руски обврзници, по слични потези на американските банки JPMorgan, Bank of America, Jefferies и Citigroup, се наведува во текстот.
Други европски банки, вклучувајќи ги Credit Suisse и HSBC, досега се воздржуваа од повторно влегување на рускиот должнички пазар поради нивниот низок праг на толеранција на ризик, изјавија за ФТ извори запознаени со нивните активности.
Според изворите на лондонскиот бизнис дневник, одлуките за рестартирање на тргувањето со руски обврзници не се мотивирани од напорите да се заработат пари од повторното отворање на овој пазар, туку од намерата да им се овозможи на клиентите да ја намалат својата изложеност, а во согласност со правилата за санкции, јавува Раша тудеј.
Во јули, американското Министерство за финансии објави упатства кои им овозможуваат на американските банки да го олеснат клирингот и трансакциите со руските хартии од вредност доколку им помогне на американските сопственици на руски обврзници постепено да се ослободат од нив.
Пред тоа, повеќето американски и европски банки престанаа да работат со руски хартии од вредност, откако властите воведоа забрана за трансакции со руски средства како дел од економските санкции против Москва.